Експертите во светот ја анализираат стратегијата „нула-ковид“ што ја применуваат Австралија и Океанија и дали таа е остварлива и во Европа
Два милиони жители на Нов Зеланд од понеделникот се во тридневен карантин во Окланд, поради само три случаи на ковид-19. Брзо и одлучно затворање со цел што побрзо враќање на животот во нормала – тоа е стратегијата „нула – ковид“ што се применува во Азија и Океанија.
Но, дали е тоа изводливо и во Европа?

Целта на ваквата стратегија е да се намали циркулацијата на коронавирусот во регион или земја на нула, преку строги мерки што се воведуваат веднаш штом ќе се појави инфекцијата. Тие се комбинираат со драстична контрола на фокусот (тестирање, следење, изолација). Во исто време, нормалниот живот може да продолжи во области каде што нема вирус.

Се повеќе експерти се залагаат ваквата стратегија да се примени и во Европа.
„За земјите што ja прифатија, предноста е тројна“,
посочува швајцарскиот епидемиолог Антоан Флаол, директор на Институтот за глобално здравје на Универзитетот во Женева.
Притоа, тој ги посочува, на пример, Нов Зеланд, Австралија, Кина, Тајван и Виетнам.
„Во однос на здравјето, тие се неприкосновени светски шампиони во однос на малиот број смртни случаи по глава на жител, а во однос на социјалниот живот, работите се одвиваат нормално. Баровите, рестораните, културните и спортските активности, училиштата и универзитетите се вообичаено отворени, а епидемиолошките мерки речиси непостојат“,
објаснува тој.
Дури, економски, Тајван и Кина бележат позитивен раст на БДП
„Соживот“ со вирусот
Швајцарскиот епидемиолог смета дека стратегијата „нула – ковид“ е подобра од „стратегијата за ублажување“ што ја спроведуваат повеќето земји на Запад, а што всушност се однесува на „организирање на соживот со вирусот помеѓу двата брана“.
„Што значи соживот со вирусот? Сегашната состојба не е прифатлива, таа е премногу непозната на долг рок “,
смета Мартин Меки, професор по јавно здравје на Лондонската школа за хигиена и тропска медицина.
„Се прават обиди залудно да се стави епидемијата под контрола, постојано доаѓаат нови бранови и нови карантини и никој не може да планира ништо, ни патување за одмор, венчавка или инвестиција за отворање ресторан“,
посочува тој.
И колку повеќе циркулира вирусот, толку почести се мутациите.
„Не можеме да продолжиме вака со третиот, четвртиот, петтиот, дваесеттиот бран “,
додава Меки, кој е убеден дека„ нула – ковид“ е единствената алтернатива.
Но, дали таа стратегија може да се пренесе од едниот до другиот крај на светот?
„Тоа би било потешко во Европа“,
признава австралискиот експерт Арчи Климентс, епидемиолог на Универзитетот Кертин во Перт, а за тоа наведува неколку причини.
„Постои поголема подвижност, поголема густина на население во градовите, зависност на европската економија од прекугранично патување и фактот дека Европа е важна дестинација за патување“,
рече тој.
Империјалистички поглед
Во Австралија и Нов Зеланд, имаме природни предности што не можат да се копираат на друго место, пред сè нашата изолација и недостаток на копнени граници, вели австралискиот епидемиолог, но со ова не се согласуваат европските приврзаници на „нула – ковид“.
„Кога Обединетото Кралство има повисока стапка на смртност од Германија, Швајцарија или Франција, тогаш не велиме дека тоа е затоа што тие се остров“,
вели неговиот швајцарски колега Флaол.
Тој ја отфрла и другата теорија, според која Азијците се многу повеќе послушни во почитувањето на строгите мерки отколку Европејците.

„Тоа е прилично империјалистички став“,
вели тој.
Но, без оглед на тоа дали стратегијата „нула – ковид“ може да се преземе во Европа, Климентс смета дека сега е предоцна за тоа, бидејќи вирусот и неговите варијанти веќе се многу проширени.
„Европа ја пропушти можноста да донесе стратегија за нула -ковид на крајот од првото затворање и наместо тоа избра да го искористи летото за да дозволи циркулација на вирусот“,
коментира австралискиот епидемиолог.