Темата на средбата била претстојниот извештај на УНЕСКО, за кој, Заев вели дека треба да се прифати како силен аларм кој повикува на заедничка акција
Владата, ресорните министерства, како и институциите на општините Охрид, Струга и Дебрца мора да продолжат со меѓусебна координација со цел заштита на природните и културните вредности на заштитеното подрачје под УНЕСКО.
Ова, го кажал премиерот Зоран Заев на вечерашната средба со градоначалниците на надлежните општини во Охридскиот Регион. Заев заедно со министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски денеска имаше средба со градоначалниците на Општина Охрид Константин Георгиески, на Општина Струга Рамиз Мерко и на Општина Дебрца Зоран Ногачески.
Темата на средбата била претстојниот извештај на УНЕСКО, за кој, Заев вели дека треба да се прифати како силен аларм кој повикува на заедничка акција.
„Премиерот Заев ја реафирмираше определбата на Владата, во координација со локалните самоуправи на трите општини да се усогласат напорите за спроведување на Планот за управување со културното и природното наследство во Охридскиот Регион со плановите за развој на општините, водејќи грижа на сите вклучени во процесот дека примарна важност имаат заштитата на културните и природните вредности на Охридското Езеро и на крајбрежјето опфатени со Конвенцијата на УНЕСКО за заштита на природното и културното наследство“,
се вели во сооппштението на Владата.
Заедничка констатација на средбата била дека мора да се продолжи координацијата меѓу Владата и општините Охрид, Струга и Дебрца на утврдените активности, како и на усогласување на легислативата за надлежностите кои ќе овозможат успех во спроведувањето на Планот за управување со културното и природното наследство во Охридскиот Регион и на развојните планови на општините.
На денешната владина седница беше разгледан и усвоен и извештајот за состојбата во Охридскиот Регион и ја задолжи Националната комисија за УНЕСКО да го достави најдоцна до 25 февруари.
Овој извештај е одговор на нацрт-извештајот што Центарот за светско наследство на УНЕСКО со забелешки и препораки го испрати до државата на почетокот на јануари. УНЕСКО на 123 страници оцени дека не само што не се отстранети постоечките закани и слабости, туку од 2017 година досега се додадени и нови.
Нацрт-извештајот на УНЕСКО беше пратен за коментари од надлежните институции во земјава, а конечната одлука дали Охридскиот Регион ќе биде впишан на Листата на Светско природно и културно наследство во опасност, треба да се очекува најрано во јули годинава.