Сите бесправно изградени објекти во заштитениот дел на Охридскиот Регион треба да бидат отстранети согласно закон и согласно јасните и прецизни забелешки на УНЕСКО, вели премиерот Зоран Заев.
Тој ова го кажа како одговор на новинарско прашање во врска со изјавите на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, кој рече дека барањата на УНЕСКО се неприфатливи и граѓаните треба да ги легализираат бесправно изградените објекти.
„Граѓаните, скоро 100 проценти се определени за заштита на охридското крајбрежје и Охрид по стандардите на УНЕСКО и ние треба и мора да ги испочитуваме до крај. Државата може да помогне за одредени материјални вредности доколку се изгубат, но согласно законите. Според Законот за легализација на бесправно изградените објекти и Законот за управување со Охридски Регион, јасно е утврдено што е дозволено да се легализира, а што не. Сѐ што е надвор од заштитениот УНЕСКО дел може да се легализира доколку се исполнуваат просторно-урбанистичките планови и останатите законски обврски, а сѐ што е внатре во заштитениот дел треба да се отстрани. Овде нема да отстапиме од која било определба, без разлика какви политички реперкусии би се случиле“,
рече Заев.
Тој апелираше до трите општини (Охрид, Струга и Дебрца), кои спаѓаат под единствениот регион под заштита на УНЕСКО во земјава, да се почитуваат законите.
Градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, вчера во изјава за СДК.мк рече дека строго дефинираните правила на УНЕСКО со кои се забранува градење, но и рушење на сѐ што е бесправно изградено во заштитените зони е неприфатливо.
„Општината ќе трпи огромни финансиски штети, а граѓаните не ќе можат да си го остварат своето право според постоечкиот Закон за легализација“,
рече Мерко.
Според него, Планот за управување со културното и природното наследство во Охридскиот Регион го спречува функционирањето на Општина Струга според веќе донесените детални урбанистички планови.
„Во овој дел е опфатен и Законот за легализација, кој е во сила, а времето за истите поминува во март, така што во време на пандемија и мораториум, кој траеше една година, бараме Владата да го продолжи рокот на легализација на објектите барем за овие општини. Бараме и дополнително време за применување на Планот бидејќи не е адекватен за да постапиме по барањата на граѓаните. Од друга страна, се прави штета врз буџетот на Општината и ако нема можност за градење, тогаш ќе почнат да се прават диви градби и не знам кој ќе одговара и кој ќе плати за тоа“,
рече Мерко.