Премиерот Зоран Заев, пак, во еден од неговите последни јавни настапи уште еднаш повтори дека државата не треба да губи време со избори и испрати порака дека нема да има предвремени туку редовни парламентарни избори во 2024 година. Ако има сега, рече тој, СДСМ ќе има 50, а ВМРО-ДПМНЕ 40 пратеници
Прво да дојде друга влада, која ќе може да го подготви теренот за фер избори, а потоа и парламентарни избори, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Тој уште еднаш повтори дека преговараат со парламентарни партии, и од власта и од опозицијата, за формирање ново парламентарно мнозинство, но не откри повеќе детали. Кога ќе имаме, вели Мицкоски, ќе излеземе во јавноста и ќе го презентираме новото мнозинство.
„Единствен логичен термин, да не правиме дополнителни трошоци, е заедно локалните. Мислам дека тоа треба да се случи и работиме на тоа, а претходно треба да дојде една влада која ќе подготви рамен терен за тие предвремени парламентарни и локални избори, не ваква криминална и неспособна влада. Морам да кажам дека не ги бидува за работа и проекти, но затоа се светски шампиони според криминалот и корупцијата и матните идеи како да лажираат и поткупуваат за време на избори. Затоа е многу важно да дојдат луѓе кои ќе го одработат тој процес онака како што е потребно, како што велат законите и процедурите“,
изјави Мицкоски.
Премиерот Зоран Заев, пак, во еден од неговите последни јавни настапи уште еднаш повтори дека државата не треба да губи време со избори и испрати порака дека нема да има предвремени туку редовни парламентарни избори во 2024 година.
„Tреба да има редовни избори затоа што тоа е добро за државата. Ако има избори сега, наместо 46 пратеници, ние ќе имаме 50, а ВМРО-ДПМНЕ ќе има 40. И веројатно ќе ми е полесно и како претседател на Влада и сè, но ќе изгуби државата најмалку 6 месеци. Дефинитивно, предвремени парламентарни избори не ѝ требаат на државата, апсолутно го тврдам тоа бидејќи апсолутно ништо нема да промени освен да ја закочи државата“,
изјави Заев пред два дена.