Премиерот уште еднаш ја отфрли идејата за одржување предвремени избори, како што бара ВМРО-ДПМНЕ, со образложение дека тоа нема ништо да смени, а ќе има негативен ефект врз економијата
Актуелните градоначалници на Валандово, Богданци, Конче, Кочани, Старо Нагоричане, Крушево, Маврово-Ростуша, Демир Капија, се дел од оние од кои претседателот на СДСМ и премиер Зоран Заев е задоволен од резултатите во изминатите четири години. Тој нив ги спомена денеска одговарајќи на новинарско прашање дали некои од актуелните локални функционери повторно ќе бидат кандидати на локалните избори.
„СДСМ секогаш го слуша гласот на народот и сите што биле добри и служеле добро имаат најголеми шанси повторно да бидат кандидати. Онаму каде што граѓаните не се задоволни ќе има нови. Јас лично ќе застанам зад неколку кандидати, но тоа не значи дека ќе бидат избрани, тоа ќе биде заедничка одлука на органите и телата на партијата, ова е само мој личен став“,
изјави Заев.
Процедурата за кандидирање и селекција ќе биде во мај и јуни, по што одлуката ќе ја донесат органите на партијата, рече тој.
Заев уште еднаш ја отфрли идејата за одржување на предвремени избори, како што бара ВМРО-ДПМНЕ, со образложение дека тоа нема ништо да смени, а ќе има негативен ефект врз економијата.
„Не знам кои космонаути гледаат од Месечина, но тврдам дека нема да има и тие нема да променат ништо, туку ќе ги закочат развојните проекти“,
изјави Заев.