Глобалниот механизам за помош на земјите со низок и среден приход, познат како Ковакс, не се очекува да стане оперативен пред летото, а ниту неодамна промовираниот механизам за споделување на вакцини нема никакви јасни рокови
Ниедна служба на Европската комисија не е во можност да даде конкретен одговор кога Западен Балкан може да ја очекува ветената поддршка од вакцини.
Од службата за јавност во Европската комисија за МИА велат дека остануваат на изјавата на претседателката Урсула фон дер Лајен, од пред две недели, дека што поскоро треба да се остварат ветувањата за помош со вакцини за Северна Македонија и регионот.
И покрај сите повици на европската извршна власт за солидарност во ЕУ и со земјите надвор од ЕУ, засега рокови нема.
Глобалниот механизам за помош на земјите со низок и среден приход, познат како Ковакс, не се очекува да стане оперативен пред летото. Поради ова, Европската комисија неодамна излезе со иницијатива за механизам за споделување на вакцини, но ниту за овој механизам нема никакви јасни рокови.
Како што објаснуваат извори во Европската комисија за МИА, кои сакаат да останат анонимни, земјите во ЕУ прво треба самите да добијат масовен број дози на вакцини за да можат да ги споделат, донираат или да ги препродадат.
Извори во Европската комисија за МИА велат дека се надеваат оти во наредниот период ќе се создаде функционален механизам со единствена влезна точка и канал преку кој ќе можат да ги достават иницијалните дози, но малкумина веруваат дека ова ќе биде оперативно пред втората половина на 2021 година.
Земјите надвор од ЕУ можат да склучат директни договори со фармацевтските компании, а ЕУ не може да им забрани ниту да ги набават кинеските или руските вакцини, кои засега не се одобрени во ЕУ.
Голем број земји се заинтересирани и за вакцините од Индија каде што Здравствениот институт произведува лиценцирани вакцини на „Астра Зенека“ и им помага, меѓу другото, на африканските земји, на Бразил или, пак, Саудиска Арабија.