Беса и Алтернатива, двете крила на некогашната една партија, продолжуваат со јавно препукување на тема – заеднички настап на изборите на 12 април.
Откако претседателот на Беса, Биљал Касами, вчера рече дека прифаќаа и трипартитна коалиција (Алијанса, БЕСА и Алтернатива), иако вклучувањето на една партија од владината коалиција (н.з. Алтернатива) може да ѝ наштети на една чиста опозициска опција, денеска Зеќирја Ибрахими, кој е член на раководство на Алтернатива, упати јавен ултиматум до поранешните сопартијци – да се откажат од коалицијата со ДУИ во Тетово и Чаир како услов за да го разгледаат нивното барање.

„Партијата што се претставува со името Беса, која ја основав со некои мои пријатели како наш идеал, откако ни беше украдена со помош на ‘кметот’ (н.з. Али Ахмети), денес и последниве две и пол години ја држи ДУИ на власт во две албански општини преку коалиција: Тетово и Чаир. Партијата што ја направивме беше проектирана да ја урне лошата и штетна ДУИ од власт, а не да ѝ помага во бројките за таа да продолжи со крадење и иселување на Албанците. Затоа, ако оние што ги имаат печатите на партијата што ние ја направивме сакаат да бидат во ‘трипартитна’ коалиција против ДУИ, прво да се дистанцираат од мнозинството што им го прават во Чаир и Тетово и потоа да го разгледаме нивното барање. Нека го сторат тоа до понеделник!“
пишува Зекирја Ибраими
На ова отворено писмо возврати генералниот секретар на движењето Беса, Арјанит Хоџа, кој вели дека Беса не е дел од локални мнозинства со ДУИ, туку дека Алтернатива е дел од централната власт заедно со ДУИ.

„’Идеологот’, кој растел во скутот на ДУИ, почна да бара, како што вели народот – влакно во јајце. Некој нека обезбеди поточни информации за вработениот од ДУИ и корисникот на сите придобивки од ДУИ (н.з. Зеќирија Ибрахими), вклучувајќи ја и поделбата на централната власт со ДУИ, и тоа во Министерството за култура каде што државниот секретар е од ДУИ, дека движењето Беса ниту во Чаир ниту во Тетово не е дел од мнозинството во локалната власт. Оние што треба да се одвојат од ДУИ, бидејќи тие побараа да станат алтернатива на Беса, односно ‘луѓе што немаат беса’ – завршија на власт со ДУИ!“
објави Хоџа на својот фејсбук-профил.