Русија е посочена како главен извор на дезинформации на Балканот во истражувањето насловено „Двигатели на измама: Како начинот на кој размислуваме ја поттикнува дезинформацијатa“ на американската невладина организација „National Endowment for Democracy“ (NED). Анализата се фокусира на социјалните мрежи и дигиталните медиуми и нивната злоупотреба за да се шират лажни вести, кои би биле од корист за одредена политичка страна. Авторите заклучуваат дека Русија има сериозна улога во ширењето лажни вести во Северна Македонија, а како пример ја земаат пропагандата што се ширеше пред и за време на референдумот во 2018 година..
Иако дезинформациите се проблем за сите земји ширум светот, истражувањето ја издвојува Северна Македонија, како една од земјите со ранлива демократија каде што довербата на јавноста во мас-медиумите и во државните институции е исклучително ниска. Според анализата, голем дел од лажните вести потекнуваат од странски извори, поконкретно од Русија.
„Москва намерно провоцира етнички тензии за да предизвика дестабилизација, исто така, промовира и неполитички дезинформации, како што е идејата дека вакцините се опасни во Северна Македонија, изгледа со намера да предизвика страв и недоверба кон државните институции“,
пишува во истражувањето.
Како студија на случај истражувањето го зема референдумот за името во 2018 година, проследено, како што се наведува, со руски дезинформации. Анализата се осврнува на потпишувањето на Договорот од Преспа, со што беше откочен процесот на пристапување на земјава во НАТО и потсетува дека ова доведе на 30 септември 2018 година да се одржи референдум.
Бидејќи Северна Македонија е опкружена со НАТО-сојузници, истражувањето нагласува дека Русија била отворено против пристапување на земјава во Северноатлантската алијанса.
„Во месеците пред референдумот изникнаа фејсбук и твитер-страници кои повикуваа на бојкот на референдумот и ширеа лажни информации за НАТО и Западот, поттикнувајќи меѓуетнички тензии во земјата, која има големо малцинство од етнички Албанци. Беа дистрибуирани ужасни слики од жена наводно претепана од полицијата бидејќи била против референдумот, што имаше за цел да ги потпали страстите кај народот. Други фејсбук-страници го изедначуваа гласањето на референдумот со учество во фашизмот или нацизмот, така што беше објавена слика од германската канцеларка Ангела Меркел со хитлеровски мустаќи и порака „Бојкотирајте го геноцидот на македонскиот народ“,
наведува анализата.
Понатаму се наведува дека еден од најтвитаните хаштази во месеците пред референдумот бил хаштагот #Бојкотирам. Но, дури 80 отсто до твитовите со овој хаштаг биле ретвитани, што, според авторите, сугерира дека целта на овие објави била да бидат што пораширени на социјалните мрежи. Тврдењето го поткрепува и фактот што секојдневно биле отворани нови фејсбук-профили кои повикуваат на бојкот и стотици нови краткотрајни веб-страници.
Употребата на хаштагот кај десничарските групи, протестите против промена на името, марширањето на демонстрантите, како и другите активности поврзани со движењето „Бојкотирам“, според истражувачите, делумно ја постигнале својата цел.
„Крајниот исход беше тоа што многу гласачи се чувствуваа непријатно да излезат на референдумот или да откријат како би гласале“,
се наведува во анализата.
Улогата на грчко-рускиот бизнисмен Иван Савидис
Истражувањето ја споменува и улогата на грчкиот бизнисмен со руско потекло Иван Савидис во кампањата за бојкотирање на референдумот. Савидис беше посочен како финансиер на движењето „Бојкотирам“. Неколку дена по референдумот, во сторија на „Њујорк тајмс“, беше објавено дека американските разузнавачки служби пресретнале комуникација која открила како Савидис работел за Русија на поткопување на Договорот од Преспа.
Тогашниот премиер Зоран Заев, пак, во интервју за „Базфид“ рече дека проруски грчки бизнисмени им плаќале на Македонци 13.000 до 21.000 долари за да предизвикаат насилни протести пред клучниот референдум за името.
Појаснувајќи ја ваквата изјава, Заев потоа рече дека членовите на навивачката група „Комити“, кои беа приведени за време на протестите против договорот со Грција пред Собранието, во полициска станица рекле дека руски бизнисмени им давале пари и затоа тие излегле на улица.
„Тие млади момчиња од ‘Комити’ кога нападнаа полицајци, беа повикани во полиција да дадат исказ, па споменуваа дека бизнисмени од Русија давале пари, дека заради тоа тие се тука, дека тие немаат ништо против или слично“,
рече Заев.