Министерот Чулев и дополнителната заменичка Петровска усогласиле 11 промени на раководни лица во МВР, но не и за прв човек на СВР Скопје
Предлогот на министерот за внатрешни работи во техничката влада, Наќе Чулев, за нов началник на Секторот за внатрешни работи Скопје, не ја добил согласноста на дополнителната заменик-министерка, Славјанка Петровска.
Чулев за прв човек на полицијата во главниот град го номинирал Ристе Ставревски, но Петровска не се согласила зашто, како што вели, тој бил дел од „бомбите“ што во 2015 година ги објавуваше СДСМ, партијата од која таа е номинирана за дополнителна заменик-министерка.
Станува збор за разговор на тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска и Ристе Ставревски, од позиција на советник во нејзиниот кабинет, за предизборни средби и убедувања на различни категории граѓани. Во конверзацијата, конкретно, се споменуваат Куманово, околу 800 резервисти, бранители, но и други групи граѓани со кои Ставревски, според снимката, бил во контакт во пресрет на избори.
Сепак, Чулев во изјава за „НетПрес“, смета дека Ставревски е професионалец и тоа што бил дел од кабинетот на Јанкуловска не е пречка да биде назначен.
„Назначувањето на Ристо Ставревски за началник на СВР Скопје е во согласност со потребните критериуми. Лицето има потребен степен на образование, работно искуство и важечки сертификат за класифицирани информации. Тоа што бил дел од нечиј кабинет не е услов или пречка за распоредување. Ја потсетуваме дополнителната заменичка дека токму нејзината секретарка била член на истиот кабинет во кој бил Ристо Ставревски. Што се однесува до сведочење во Суд, сведок може да биде секој граѓанин кој Судот ќе го прифати за сведок било на одбраната или на застапникот на обвинението, во случајот СЈО“,
изјавил Чулев за „НетПрес“.
Ставревски е споменат во соопштението објавено од МВР како нов началник на СВР Скопје.
Нови 11 раководни лица во МВР
За разлика од случајот со СВР Скопје, Чулев и Петровска се усогласиле за 11 други назначувања на лица на раководни позии и нивни дополнителни заменици. Дополнителните заменици се досегашните раководители. Во продолжение ја објавуваме листата на досега направените промени:
1. СВР Охрид
Началник: Илија Милески
Дополнителен заменик началник: Сашо Смилевски
2. СВР Штип
Началник: Александар Николов
Дополнителен заменик началник: Марјан Коцев
3. СВР Битола
Началник: Андреј Василевски
Дополнителен заменик началник: Славко Јовановски
4. СВР Велес
Началник: Игор Ангеловски
Дополнителен заменик началник: Злате Јаневски
5. СВР Струмица
Началник: Васил Тодоров
Дополнителен заменик началник: Танчо Пројковски
6. Одделение за внатрешни работи – Прилеп
Началник: Трајче Георгиоски
Дополнителен заменик началник: Игор Каравилоски
7. Внатрешна контрола
Помошник на министерот на оддел за внатрешна контрола: Филип Филиповски
Дополнителен заменик: Дејан Андонов
8. Оддел за специјални полициски операции
Началник: Сашко Зенговски
Дополнителен заменик началник: Бранко Трајановски
9. Единица за специјални задачи – „Тигри“
Командант: Ивица Бисовски
Дополнителен заменик командат: Митко Даневски
10. Оддел за сузбивање на организиран и сериозен криминал во БЈБ
Началник: Александар Јанев
Дополнителен заменик началник: Лазо Велковски
11. Единица за интервентна полиција во СВР Скопје
Началник: Васко Наумовски
Дополнителен заменик началник: Примислав Димовски
Покрај усогласувањето за СВР Скопје, на Чулев му остануваат уште три можности за смени на раководни позици. Две од нив извесно е дека ќе се однесуваат на началничките места во СВР Тетово и СВР Куманово, додека третата според неофицијални информации ќе биде на секторот за комуникации.
Правото за смени произлегува од Законот за Влада кој му дозволува на министерот за внатрешни работи, кој доаѓа на предлог на опозицијата, да „изврши најмногу 15 разрешувања или распоредувања … на носители на раководна позиција во министерството“. Со денот на именувањето на лице на раководна позиција, министерот е должен да именува дополнителен заменик на предлог на дополнителниот заменик-министер.
