Зголемување на социјалната нееднаквост и на сајбер-нападите, колапс на ИТ- инфраструктурата, а редовната работа од дома може да доведе до здравствени проблеми, се вели во експертскиот извештај за глобалните ризици во 2021 година
Последиците од пандемијата можат да го загрозат развојот на светската економија во следните 3-5 години, предупредуваат експертите од Светскиот економски форум (СЕФ).
Покрај тоа, како резултат на пандемијата, може да се зголеми социјалната нееднаквост, додека геополитичката стабилност во следните 5-10 години може да ослабне, се вели во извештајот од Форумот за глобалните ризици за 2021 година, пренесува Дојче веле.
Претставниците на бизнисот и на разни социјални групи со кои разговарале експертите, очекуваат пандемијата да доведе до проблеми како што се шпекулативни информации, промени на цените, должничка криза и колапс на ИТ-инфраструктурата во следните 3-5 години.
Во студијата за заклучува дека и покрај почетокот на вакцинацијата против ковид-19, пандемијата уште долго време ќе има влијание врз јавниот живот и економијата.
„Во оваа ситуација, видовите на интеракција на компаниите со клиенти, синџирите на снабдување, деловните модели се менуваат. Во исто време, забрзаниот дигитален развој може да доведе до зголемување на сајбер-нападите, а редовната работа од дома може да доведе до здравствени проблеми. Во 2020 година светот ги сфати катастрофалните последици од игнорирање на долгорочни ризици како пандемии“,
велат експертите на СЕФ.
Тие потсетуваат дека од 2006 година, во нивниот годишен извештај, предупредуваа на ризиците поврзани со можни пандемии. Во исто време, климатските промени и другите еколошки предизвици, исто така, се идентификуваат како најголеми глобални закани.
Речиси истовремено, ООН објавија дека во текот на изминатата година, поради пандемијата на коронавирусот, во светот се затворени 255 милиони работни места – со полно работно време или приближно четирипати повеќе за време на глобалната финансиска криза во 2009 година.
„Ова е најтешката криза во светот во областа на трудот од Големата депресија во 30-тите години на минатиот век“,
констатира Меѓународната организација на трудот при ООН.