Покрај дополнителните ограничувања кои ги воведоа повеќето земји-членки, Европската комисија подготви нови правила за патување и ги обележа најризичните зони со темно црвена боја
Мутациите на коронвирусот предизвикуваа зголемена загриженост во ЕУ, особено поради бавниот тек на вакцинацијата, но и најавата за намалување на ветените и договорени дози од вакцината.
Покрај дополнителните ограничувања кои ги воведоа повеќето земји-членки, Европската комисија подготви нови правила за патување и ги обележа најризичните зони со темно црвена боја. Со тоа доаѓаат и нови правила за влез во земјите на ЕУ. Европската комисија подготви низа мерки за намалување на можноста за ширење на вирусот, особено неговите нови, позаразни мутации, поради што повеќето земји на ЕУ повторно воведуваат карантин и полициски час.
Новите мерки се однесуваат на сите што влегуваат во ЕУ, дури и на оние кои спаѓаат во категоријата „базични патувања“.
„За секое патување во ЕУ, треба да се направи ПЦР-тест, не постар од 72 часа. Ние силно ги охрабруваме земјите-членки да воспостават дополнителни мерки за земјите каде се регистрирани контроверзни видови на вирусот, како што се самоизолација, карантин и следење на контактите до 14 дена“,
вели Илва Јохансон, комесар на ЕУ за внатрешна политика.
ЕУ воведе нова категорија на постојната епидемиолошка карта на Европа, темно црвена, што укажува на области со голем број на инфекции, а кои делумно се поврзани со повеќе заразни варијанти на вирусот.
Дефинирани се и мерки за оние кои доаѓаат од такви области со висок ризик.
„Патниците од другите земји-членки не треба да бидат одбиени на границите. Доколку земјите-членки сметаат дека ограничувањата се неопходни, тие може да побараат од патниците кои доаѓаат од области кои не се означени како ‘зелени’ да одат во карантин и да бидат тестирани пред поаѓање или по пристигнувањето. Предложивме и построги мерки за пристигнувања од темно црвени зони, затоа што мора да бидеме свесни за голем број случаи. Земјите-членки треба да побараат од поединци кои доаѓаат од таквите области да направат тест пред поаѓање и да одат во карантин по враќањето“,
вели Дидие Рејндерс, комесар на ЕУ за правда.
Граѓаните на ЕУ и сите што имаат легален престој ќе можат да бидат тестирани по враќањето во Унијата, а најавено е и воведување на задолжителен „образец за локација на патници“, на кој се работи интензивно.