Весникот наведува дека Трамп разговарал со неколку соработници и други блиски луѓе и дека планира новата партија да ја нарече „Патриотска партија“
Претседателот на САД во заминување Доналд Трамп во последните неколку дена разговарал со своите соработници за основање нова политичка партија, пишува „Волстрит џурнал“ повикувајќи се на неименувани извори.
Весникот наведува дека Трамп разговарал со неколку соработници и други блиски луѓе и дека планира новата партија да ја нарече „Патриотска партија“.
Трамп во последните денови имаше несогласувања со неколку републикански лидери, вклучувајќи го и лидерот на републиканците во Сенатот, Мич Меконел, кој вчера изјави дека претседателот во заминување треба да одговара за поттикнување на немирите на 6 јануари во Вашингтон.
Белата куќа не сакаше да ги коментира наводите на неименуваните извори.
„Волстрит џурнал“ наведува дека не е познато колку е сериозна намерата на Трамп да формира нова партија, за што ќе бидат потребни многу ресурси и време.
Трамп има голема база на поддржувачи, а голем број од нив не беа вклучени во Републиканската партија пред изборната кампања во 2016 година.
Други партии, освен Демократската и Републиканската, обично не успеваат да добијат доволно поддршка за да имаат поголема улога на изборите во САД и секој обид за формирање нова партија наидува на силно противење од претставниците на Републиканската партија.