На возачот на автобусот нешто му го одзело вниманието, па возилото го насочил кон лево, а потоа немал ниту доволно време ниту доволно растојание за да ја исправи грешката. Вака денеска сведочеше вештото лице од Бирото за судски вештачења, Драган Аксентиев, на новото судско рочиште за една од најтрагичните сообраќајни несреќи во земјава со автобусот на компанијата „Дурмо турс“ кај селото Ласкарци.

„Причина за случувањето на несреќата е отсуство на внимание на возачот во корелација со брзината од 99 километри на час. На таков начин возачот се довел во ситуација да не го одржува автобусот во стабилно и континуирано движење, така што го насочил во лево и преминал на спротивната лента од автопатот“,
рече Аксентиев.
Тој не наведе што му го одзело вниманието на возачот, но ја исклучува можноста дека зборувал на телефон или дака заспал зашто маневрот за кочење го започнал уште додека автобусот бил на лентата што води од Скопје кон Тетово, а системот за сопирање бил целосно активиран кога возилото веќе преминало на спротивната лента.
„Возачот се обидел да ја исправи грешката со сопирање. Ја кренал ногата од педалот за гас и ја префрлил на педалот за кочење. Тој се обидел да го сопре автобусот при брзина од 99 километри на час и лачно движење. За тоа имал време од само 1,6 секунда и растојание од 42,5 метри од првата заштитна ограда. Немал можност да го сопре автобусот на тоа растојание и за тоа време“,
објасни Аксентиев.
Но, вештакот кажа и дека сопирачките на автобусот не ја далe ниту минимално пропишаната ефикасност, што влијаело на последиците од несреќата без да прецизира во колкава мера. Ако системот за сопирање бил поефикасен, автобусот ќе удрел во третата заштитна ограда, пред да излета од автопатот, со брзина помала за 10 километри на час.
„Автобусот остварил ефикасност на системот за кочење од 30 проценти. Ако ефикасноста била на минимум пропишаните 45 проценти, контактот ќе бил остварен со брзина од 57 километри на час, а не со 67 километри на час. Така и кинетичката енергија ќе била помала, што технички би имало влијание врз последиците.“
рече Аксентиев.
Претходно, Аксентиев посочи дека на коловозот на автопатот Скопје-Тетово, но и во спротивната насока, не биле пронајдени траги од кочење, туку само од движењето на тркала.
Така, на минатото рочиште сведочеше и професорот од Машинскиот факултет, Милан Крстевски. Тој, исто така, посочи дека автобусот воопшто не запирал затоа што гумите не оставиле никакви траги на асфалтот.
Роднините на жртвите од несреќата бараат на сите шестмина обвинети да им се суди за убиство, а не за предизвикување сообраќајна незгода со тешки последици.
Автобусот што се движеше од Скопје кон Гостивар излета од автопатот во близина на селото Ласкарци на 13 февруари минатата година. Загинаа 16 лица, а 37 беа повредени. Меѓу шестемина обвинети се сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, шефот на компанијата Ремзи Мифтари и возачот на автобусот Маноил Трифуновски. Тројца вработени во станицата за техничка контрола, пак, се товарат за соучесништво при извршување на делото. Сопственикот на „Дурмо турс“ се брани од слобода откако Апелацискиот суд го ослободи со кауција од два милиона евра.