Упадот во Капитол Хил на 6 јануари ѝ зададе два големи удара на светската демократија. Првиот, очигледниот, беше насилството над законодавниот дом на најмоќната држава на слободниот свет.
Вториот, затскриен удар, беа одлуките на Фејсбук и Твитер да ги „замолчат“ профилите на Доналд Трамп, со што американскиот претседател загуби пристап до 100 милиони следбеници.
Објаснувањето на сопственикот на Фејсбук, Марк Закерберг, е дека целта на нивните постапки е заштита на демократијата.
„Во текот на последните неколку години му дозволивме на претседателот Трамп да ги користи нашите платформи во согласност со нашите правила и повремено ги отстрануваме или ги обележуваме содржините што ги прекршуваа нашите политики. Го направивме ова затоа што веруваме дека јавноста има право на широк пристап до политички пораки, дури и оние контроверзните. Но, актуелниот контекст сега е различен. Вклучува употреба на нашата платформа за поттикнување насилно востание против демократски избрана власт“,
вели Марк Закерберг, сопственик на Фејсбук.
Но, чекорот не им се допадна на многумина. Рускиот опозициски лидер, кој неодамна беше жртва на обид за убиство, Алексеј Навални, одговори со повеќе контратези, меѓу кои и:
„Ако го замените ’Трамп’ со ’Навални’ во денешната дискусија, ќе добиете околу 80% од одговорот на Кремљ на прашањето зошто моето име не смее да се спомене на руските телевизии и зошто не смее да ми биде дозволено да учествувам на избори… Овој преседан ќе биде искористен од противниците на слободата на говорот низ целиот свет, вклучувајќи ја и Русија. Секогаш кога ќе треба да замолчат некого ќе речат – ова е вообичаена пракса, па и Трамп беше замрзнат на ’Твитер’“,
рече Алексеј Навални, опозициски лидер во Русија.
Извршниот директор на Твитер, Џек Дорси, се огласи 8 дена по донесувањето на одлуката да го „замрзнат“ Трамп. Според него, компанијата донела правилна одлука. Но, тој покажа и самокритика по негативните реакции.
„Верувам дека донесовме правилна одлука за Твитер. Сепак, забраната на еден профил има реални и значителни последици. Иако има јасни и очигледни исклучоци, мислам дека забраната е наш неуспех да промовираме здрава дебата… Неопходноста за преземање вакви чекори… поставува преседан кој е опасен – моќта која една индивидуа или корпорација ја има врз глобалната размена на мислења“,
напиша Џек Дорси, извршен директор на Твитер.
Таа моќ на корпорациите ја осудија моќни политички тела, меѓу кои и Европската комисија. Но, многу повеќе реакции има на пониско, неполитичко ниво. Домашниот интернет-експерт Дарко Булдиоски вели дека проблемот е што отстранувањето на Трамп е направено без јасни правила.
„Не се повикаа, не постaпија врз основа на одлукa, законодавна мерка или правна рамка која е пропишана во самата држава. На тој начин се ставија над државниот апарат, над државниот систем. Со тоа што испратија една многу важна негативна порака, во смисла ‘ние сме многу моќни, никој не може да нè контролира нас, ние ќе правиме онака како што одлучуваме’“,
вели Дарко Булдиоски, интернет-експерт.

Зад одлуката на технолошките гиганти да го блокираат Трамп, вели Булдиоски, најверојатно, лежи и друга причина.
„Интерпретацијата на тоа е дека да ние сега ќе демонстрираме сила, можеби, ќе сакаме да им се додворуваме на новите власти, бидејќи во Америка се под силна закана да бидат построго регулирани истиве овие сервиси во следните една-две години…Ако сакаа да влијаат навистина на промената на дискурсот на лажните вести што Tрамп ги ширеше со својата армија години наназад, требаше оваа реакција да биде многу порано“,
вели тој.
Од фондацијата „Метаморфозис“, која соработува со Фејсбук во Северна Македонија, потсетуваат на другата страна на паричката. Програмскиот директор Филип Стојановски вели дека социјалните мрежи се приватен простор, во кои нивните корисници се согласуваат на одредени правила на игра. Така, процесот на нечие отстранување е интерен, во рамки на самите компании.
„Имаме ситуација каде што самите технолошки компании се под закана дека ќе бидат сметани како соучесници за содржини за кои некој ги објавува кај нив, а тие имаат можност да ги тргнат или не. Во ситуации кога имаме кршење на уставен поредок, насилство, па дури и убиства или обид за убиство, прилично им е јасно на сите дека не се работи за нешто што е поврзано само за слободата на изразување, туку има многу поширок контекст“,
вели Филип Стојановски.

„Метаморфозис“, во соработка со Фејсбук, започна програма за проверка на факти во земјава, за содржини што се вирални, а неточни, со што може да нанесат општествена штета. Но, додава Стојановски, дезинформациите не се бришат и самите организации немаат таква можност.
„Во основа, кога некој ќе објави дезинформација на Феjсбук и таа е оцената од проверувачите на факти – лицето, профилот или страницата која ја има објавено, освен што се гледа и на самата објава, се додава содржина која вели – прочитајте повеќе. Тие добиваат информација и во инбокс со кој им се објаснува што се случува. Тие имаат можност и да се поправат ако утврдат дека сакаат да го сторат тоа“,
додава тој.
Стојановски додава дека, според правилата на партнерството со Фејсбук, не анализираат изјави од политичари или политички партии. Но, според Булдиоски, барем во САД, една од клучните дебати што се отвораат сега е онаа за одговорноста на социјалните медиуми за сите содржините што се наоѓаат на нивните платформи. Процесот отиде дотаму што се блокираат цели социјални медиуми.
„Да не заборавиме дека овој период голем дел од поддржувачите на Трамп почнаа да се префрлаат на други сервиси, кои можеби ќе им го надоместат недостатокот на Твитер и Фејсбук. Но, што се случи? Амазон, Гугл и Епл го блокираа пристапот и на Парлар, сервисот каде што најголем дел од поддржувачите на Трамп отидоа да си го најдат својот медиум, каде што ќе продолжат и понатаму непречено да комуницираат. Таа е дискусијата што всушност се отвора сега. Колкава е моќта и кој им дава за право во една ваква ситуација на овие сервиси да одлучат дали таа апликација треба или не треба да постои“,
вели Булдиоски.
Дебатата за моќта и одговорноста и отчетноста на социјалните медиуми започна од САД, но очекувано е да се шири. Еден од најпознатите американски весници, „Лос Анџелес тајмс“, веќе ја постави тезата – Трамп е казнет, но зошто немаше реакции при сличните сценарија во Мјанмар, Индија, Шри Ланка, Филипините, Бразил… Ако правилата важат во САД, тогаш зошто не и во целиот свет?