Во Собранието денеска не можеше да почне 30.седница, поради отсуството на двајца пратеници од мнозинството – еден позитивен, а другиот суспектен на коронавирус
Координаторот на СДСМ ја обвини опозицијата за недржавничко однесување, додека координаторот на ВМРО-ДПМНЕ го посоветува мнозинството да не се однесува како да има 100, а не само 62 пратеника
Отсуството на двајца пратеници од мнозинството, еден позитивен на коронавирус, додека другиот ги чека резултатите од тестирањњето, го оневозможи денеска кворумотод најмалку 61 присутен во салата за старт на новата собраниска седница.
Координаторот на СДСМ Јован Митрески, на почетокот на седницата која беше прекината поради немање кворум, ја обвини опозицијата дека со своето отсуство покажува недржавничко однесување, особено, како што рече, што на оваа седница, меѓу другото, се и измени на Законот за лекови, поврзани со вакцинацијата против ковид-19.
„Опозицијата има други интереси, теснопартиски и лични, за да се прикаже земјата во лошо светло, поради што трпат институциите и државата“,
рече Митрески додавајќи дека од тие причини опозицијата го блокирала к донесувањето на измени на Деловникот за онлајн седници, со цел, како што рече, да може да ја кочи работата на Собранието.
Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, истакна дека неприсуството на опозицијата на седницата е резултат на, како што рече, недемократското однесување на мнозинството во парламентот.
„Опозицијата е цело време во Собранието и ќе ви дишеме цело време во врат, се додека се обидувате на ваков начин да ја преставите демократијата во Македонија. За жал имаме позитивен колега и колега кој чека резултати и на кои им посакувам добро здравје и побрзо враќање во пратеничките клупи. Но она што го зборуваме од почетокот се покажува на дело, затоа што со 62 пратеника се однесувате како да имате 100“,
рече Мицевски.
Ако целата парламентарна опозиција, која брои 58 пратеници, не е во салата, рече Мицевски, треба да се прашате зошто е тоа така.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, по дискусиите на Мицевски и Митрески ја прекина седницата, посочувајќи дека нема деловнички можности за работа.
Во врска со отсуството на опозицијата Џафери рече дека тоа што пратениците одбиваат да влезат на седница, иако се потпишани, е нивно легитимно право. За тоа, рече Џафери, формално не се одговорни пред претседателот на парламентот, туку пред граѓаните.