Ова го кажувам со жалење и горчина, но ако тоа поттикне многу повисока свест, ако институциите ги тераат работите согласно правилата и прописите, и не се толку бавни во акцијата, ако институциите за санкционирање исто си ја вршат својата работа, тогаш за доброто на Охридскиот Регион, ставањето на листата во опасност не е нешто катастрофално, вели министерката за култура Ирена Стефоска за „360 степени“
Една деценија откако Нина Спирова ја отпеа „Езеро мое“, Охрид и регионот се најдоа на листата на заштитено светско културно и природно наследство на УНЕСКО. Низ добрите, но и лошите времиња што следуваа растеше градот, растеше туризмот, но и притисокот врз сè што создале природата и претходните генерации.
По децении живот на „вересија“, сметката стигна на годишниот собир на УНЕСКО во Баку во 2019 година.
„Време е за заедничко координирано дествување, нема простор за компромиси по ова прашање“,
кажа тогашниот претседател на Националната комисија за УНЕСКО, Едмонд Адеми.
Владата успешно лобираше за Охрид да не влезе на листата на подрачја во опасност, со ветување дека ќе се решат градбата, отпадните води, планираните патишта и железници – или сè што може да ги загрози културата и природата. Помина една и пол година и стигна нова сметка од УНЕСКО, која вели дека многу малку од ветеното е реализирано. Владата повторно уверува.
„Ќе постапуваме по препораките. А, што значи тоа, ќе постапуваме по препораките, ќе видите во наредниот период“,
уверува министерот за транспорт Благој Бочварски.
Иако министерот не објасни, на сите веќе им е јасно што треба да се направи. Но, кој е виновен што тоа досега не се случи?
ДИВОГРАДБИ
Една од најголемите забелешки на УНЕСКО се дивоградбите во крајбрежниот појас, па дежурен виновник, логично, е локалната самоуправа. Актуелниот градоначалник, во гостување на ТВ Телма, не прифати одговорност и изјави дека имал само шест месеци да сработи нешто.
„Лична одговорност не чувствувам затоа што сме придонеле и јас и локалната самоуправа за подобрување на состојбите, а не за влошување“,
кажа Георгиевски.
Како и да звучи градоначалникот, факт е дека тој сега има задача да урне сè што се градело на диво со децении. За целата операција му требаат многу повеќе пари отколку што има или му дава Владата.
„– Колку пари сега ви требаат да го срушите …
За целиот процес на отстранување, на сите бесправни објекти?
– Да
Можеби 60, 70 милиони денари
– Општината, има можност…?
Општината нема. Сега ние добивме од Владата 6 милиони и со тие средства ќе продолжиме, меѓутоа сме во постојана комуникација“,
кажа Георгиевски на ТВ Телма.
Дека му помогнале на Охрид со пари за рушење дивоградби, следниот ден потсети и министерот за транспорт и врски. Притиснат од новинарите за лоцирање одговорност што работата дојде дотаму, Бочварски ја „врати“ топката.
„Доколку некој нема волја да работи и да ги решава проблемите коишто му се дадени во ингеренции од граѓаните, на непосредни избори, тогаш ќе ги преземеме сите можни чекори со цел овој статус на Охридскиот Регион да не биде загрозен“,
вели министерот.
Овие изјави се само дел од низата која не навестува дека некој ќе преземе политичка или морална одговорност за досегашните грешки, пред да се тргне во нивно исправање. Андон Бојаџи од Комисијата за управување со Охридскиот Регион и раководител во Националниот парк „Галичица“ вели дека вина има на повеќе места. Дел од институциите не биле доволно посветени, дадените задачи се спроведувале со пропусти, а имало и притисоци врз Комисијата.
„Еден од проблемите беше тоа што различни органи во државата различно ја толкуваа препораката мораториум на градба и мораториум на донесување урбанистички планови. Се потроши сериозно време на тоа што значи зборот мораториум, како да го толкуваме?… Општина Охрид имаше мораториум до октомври. Како наближуваше октомври, така веќе почнаа градежни активности. Луѓето чекаа да заврши. Вклучително и во Националниот парк. Ние регистриравме три такви од октомври наваму и подготвивме цела документација во согласност со Законот за заштита на природата и актите кои ги има установата, пријавивме до надлежните институции и се надевам ќе ги преземат мерките во рамки на нивните надлежности“,
вели Бојаџи.

Според него, уривањето на дивоградбите и усогласувањето на новите детални урбанистички планови со Планот за управување со регионот се најтешките, но се само дел од предизвиците. А сето тоа, смета тој – вреди.
„Добивките се многу големи. Реклама која со ниедни пари не може да се плати. Има податоци кои потврдуваат дека имаме такво ниво на туристички активности, односно приход од туризам, главно бидејќи регионот е на листата на УНЕСКО. Анкетирањето, посебно на странските туристи за мотивите, причините, зошто го посетиле регионот, е зашто е на листата на УНЕСКО“,
додава Бојаџи.
На нацрт-извештајот на УНЕСКО, Владата реагираше по неколку дена, откако премиерот Зоран Заев ги собра надлежните министри. По состанокот имаше само соопштение без оценка кој потфрлил и дали од некого ќе се бара одговорност. Индиректно, сепак, Владата си ги призна „дупките“.
„Беше договорено Владата да преземе итни чекори за стручно, кадровско екипирање во најрелевантните институции, како што се Завод и музеј Охрид, Управата за заштита на културното наследство, Управата за заштита на животната средина и другите институции во сферата на заштита на животната средина, а истото се очекува да го направат и општините во своите надлежности“,
соопштија оттаму.

Присутна на состанокот беше и министерката за култура Ирена Стефоска, која е и претседателка на Националната комисија за УНЕСКО. За „360 степени“ таа вели дека секоја институција презела одговорност, но во насока на тоа што итно треба да спроведе во својот домен.
„Одговорност на Министерството за култура е зајакнување на професионалниот кадар, на инфраструктурата и логистиката на Завод и музеј Охрид, и истото се однесува за Управата за заштита на културно наследство. Тие се двете клучни институции без кои не може да функционира заштитата на регионот во делот за културното наследство“,
вели Стефоска.

За активистите од граѓанската иницијатива „Охрид СОС“, новите задачи не се доволни. Инсистираат на одговорност од сите министри и градоначалници затоа што не е завршена „домашната работа“.
„Тие се всушност челниците кои е неопходно да одговараат, вклучително и оние служби кои биле вклучени, како на пример за урбанистичко планирање во рамки на самите општини, инспекцискиот надзор и во министерствата и во општините. Додека не санкционираме активен носител на функција кој го прекршил законот и помага да се носат закони во корист на нечиј личен интерес, кој ги изигрува законите и бара дупки во законите, ние нема да може да работиме во служба на јавниот интерес“,
вели Драгана Велковска од НВО „Охрид СОС“.
Единствениот спас за Охридскиот Регион, според Велковска, е тој да биде ставен на листата на подрачја во опасност. Само така, смета таа, ќе има вистински притисок и помош од меѓународната заедница.
„Од една одговорна власт најмалку што се очекува е таа самата да побарала од меѓународната заедница да биде овој регион ставен на листата светско наследство во опасност, а не да го користи своето време, енергија, ресурси за да лобира таа фактичка ситуација да се зашминка“.
вели Велковска

Според правилата на УНЕСКО, впишувањето на листата наследства во опасност значи алармирање на меѓународната заедница и охрабрување итна акција заедно со Комитетот за наследство и домашните власти, преку креирање посебна програма со корективни мерки за итна обнова на загрозените вредности. Дополнително се овозможува и итна финансиска помош од Фондот за светско наследство.
Министерката Стефоска признава дека ова можеби е единствениот спас за Охрид.
„Искуството досега на Центарот за културно наследство при УНЕСКО покажува дека впишувањето на некое добро или регион на листата на опасност се покажало како ефикасно за самото добро, природно и културно, бидејќи поттикнало многу побрза акција за заштита. Да се разбере, ова го кажувам со жалење и горчина, но, ако тоа поттикне многу повисока свест, ако институциите ги тераат работите согласно правилата и прописите, и не се толку бавни во акцијата, ако пак институциите за санкционирање исто си ја вршат својата работа, тогаш за доброто на Охридскиот Регион, ставањето на листата во опасност, не е нешто катастрофално“,
вели министерката за култура Ирена Стефоска.

Дека делови на Охрид и на езерото се сменети до непрепознатливост, најдобро гледаат охриѓани. Барем тие што ние ги прашавме, таквиот развој не им се допаѓа.
„Порано ова беше традиција, сега нема ништо од тоа, сè се прави нешто ново, за час излегуваат и растат хотели, ресторани, колку е исправно – има луѓе што треба да мислат за тоа“;
„Штета е Охрид да го изгуби тој епитет на град на УНЕСКО, многу е жалосно тоа за луѓе, охриѓани го осеќаат тоа“,
„Кога не би била таа заштита од УНЕСКО, мислам дека пола од знаменитостите што останале некогаш од Охрид, мислам дека не би ни биле“,
велат граѓаните што ги анкетиравме.

Но, бројот на дивоградби и притисокот во Охрид и понатаму да се гради говорат дека многумина предност му даваат на развојот, без оглед на брендот – град под заштита на УНЕСКО. Можно ли е да се постигне баланс меѓу двете струи?