Пратеничката вели дека нема сомнеж оти пописот ќе се спроведе по највисоките меѓународни стандарди и според прописите на Евростат и нагласува дека законот предвидува да се попишат сите државјани за конечно да имаме претстава колку сме и каде се наоѓаме
Доцниме со одржувањето на пописот и затоа секоја теорија или намера за негово одлагање е за деструктивна и лоша намера, која е спротивна на интересите на граѓаните и на државата. Како млад и прогресивен политичар немам намера тоа да го одобрам, ниту да го поддржам, порача денеска пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска, од собраниската говорница за време на расправата меѓу пратениците за Законот за попис.
Таа уверува дека невозможно е да се попишат лица кои не постојат бидејќи ќе се вкрстуваат податоците од бројни институции и затоа е убедена во точни резултати од пописот.
„Она што е особено важно за градење на довербата е дека при спроведување на пописот ќе се користат податоци од електронскиот регистар на население, кој ќе биде поврзан со уредите за попис и податоците ќе бидат споредувани со базите на податоци на другите институции. Значи дека е невозможно да се попишат лица, кои воопшто не постојат. Истовремено, предвидено е да се користат базите на податоци на министерствата за внатрешни работи, за информатичко општество и администрација, за образование и наука, за труд и социјална политика, Агенцијата за вработување, фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Управата за водење матични книги, Агенцијата за катастар на недвижности и на Државниот завод за статистика. Токму затоа не се оправдани стравувањата дека пописот нема да даде точни податоци“,
рече Петровска.
Пратеничката вели дека нема сомнеж оти пописот ќе се спроведе по највисоките меѓународни стандарди и според прописите на Евростат и нагласува дека законот предвидува да се попишат сите државјани за конечно да имаме претстава колку сме и каде се наоѓаме.
Пред колегите пратениците таа потенцираше и дека одржувањето на пописот е важно од повеќе аспекти, прибира податоци кои потоа ќе бидат користени и од државните институции, но и од приватниот сектор, како и меѓународните институции за правење планови за развој и унапредување како од општествен, така и од економски план.