Да се врати довербата во судството треба да биде приоритет и тука да се дадат заложби од сите засегнати страни, рече евроамбасадорот Дејвид Гир на денешната онлајн-презентација на проектот „Поддршка на процесот за реформа на правосудството“, кој го презентираше заедно со министерот за правда Бојан Маричиќ.
„Функционален правосуден систем е фундаментален процес за секоја земја што сака просперитет, напредок, а владеењето на правото и функционирањето на правосудството треба да биде во основата на таа политика“,
рече Гир.
Тој посочи дека покажувањето силна политичка волја и заложбите при справувањето со недостатоците во правосудниот систем се значајни за напредок во процесот на пристапување во Европската Унија.
„Во извештајот од октомври минатата година, Европската комисија го препозна добриот напредок во зајакнување на владеењето на правото и спроведување на стратегијата за реформи во правосудството, вклучително и назначување врз основа на заслуги. Тука е и законот за Јавно обвинителство што влезе во сила минатиот јуни, а којшто обезбедува одржливо решение на случаите и отчетност на кривичните дела што произлегуваат од незаконското прислушување“,
рече Гир.
Според него, законот треба да обезбеди независно правосудство отпорно на надворешни притисоци, меѓутоа, како што посочи, исто така, ќе придонесе за конзистентна имплементација на принципите на транспарентност, преку кои правосудството треба да биде ослободено од ризиците и од перцепцијата за политички влијанија.
На новинарско прашање кој е ставот на ЕУ за прочистувањето на правосудството и дали е потребен ваков процес за да се подобрат одредени состојби, како во судството, така и во обвинителството, Гир истакна дека оваа реформа првенствено е во интерес на граѓаните.
„Реформата на правосудството е во основа во интерес на граѓаните, затоа што еднаквост пред законот, доверба во институциите исто така ќе придонесе и за инвестиции во земјата, затоа што секоја инвеститор сака да има клима која што е од доверба и предвидлива значи значајно е за сите аспекти, економски и социјални“,
посочи Гир.
Во однос на имотната состојба и работењето на судиите и јавните обвинители, Гир истакна дека Судскиот совет, Советот на јавни обвинители, Државната комисија за спречување на корупцијата треба да продолжат да го вршат својот мандат за да обезбедат добар опфат на сите елементи и тоа значи обезбедување ефективно владеење на правото, добивање на јавната доверба
