Успеавме да направиме многу значајни чекори за зачувување на статусот светско природно и културно наследство, кој го поседува Охридскиот Регион, и исполнувањето на препораките од УНЕСКО за нас останува приоритет, велат од Општина Охрид.
Во последниот нацрт-извештајот на УНЕСКО, како резултат на Реактивната мониторинг-мисија од февруари минатата година, се забележува дека процесот на имплементација на препораките се одвива бавно, но и дека не се отстранети постојните закани и слабости, а дополнително се додадени и нови.
Од Општина Охрид велат дека во изминатите 18 месеци континуирано и посветено работеле и како локална власт, но и во координација со другите надлежни институции и Владата со цел да се зачува природно и културно национално богатство. Велат дека се работи за сложен процес, кој бара огромен ангажман, време и средства, но преку заедничкото дејствување и соработка спроведени се сериозни активности со кои се става крај на децениската деградација на овој регион.
„Првпат е донесен сеопфатен План за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион, кој ги има опфатено сите аспекти во делот на управувањето со езерското крајбрежје, урбаните и руралните средини. Беа стопирани штетните проекти за изградба на ски-центар на планината Галичица и изградба на експресен пат Охрид-Св. Наум. Започна реконструкцијата на колекторскиот систем на Охридското Езеро и формирано е ново Јавно претпријатие кое е задолжено за контрола на системот на отпадни води. Исто така, првпат е воспоставена платформа за соработка со Република Албанија за заштита на сливот на езерото во двете соседни држави“,
велат од Општина Охрид.
Потсетуваат на изготвениот Инвентар на бесправно изградени објекти и воведениот времен мораториум за градба на целата територија на општината.
„Првпат по 17 години беа спроведени низа активности за отстранување на бесправни градби во делот на крајбрежниот потег и на неколку други локации. Активностите за отстранување на дивоизградените објекти ќе продолжат и во текот на наредниот период. Сите градби кои претставуваат опасност за регионот и се во спротивност на режимите на заштита ќе бидат отстранети“,
велат од Општината.
За препораките во сферата на урбанизмот, додаваат дека во процес на изработка се и урбанистички планови за 18 охридски села, што ќе претставува ефикасен начин за борба против дивоградбите. Во однос на другите препораки, велат дека е воспоставен сообраќаен режим во стариот дел на градот, како и воведување постојана пешачка зона на дел од улицата „Кеј Македонија“. Како дел од чекорите ја вбројуваат и Студијата за валоризација на просторот на Студенчишко Блато заради негово прогласување за заштитено подрачје, но и отстранувањето на рекламните билборди и неавтохтони палми.
За најновиот нацрт-извештај на УНЕСКО, велат дека во предвидениот рок ќе испратат коментари на оваа првична верзија на извештајот, а официјален став околу нотираните препораки и заклучоци ќе биде соопштен во јавноста откако ќе пристигне конечната и финална верзија на извештајот.
„Исполнувањето на препораките на УНЕСКО продолжува да биде еден од најважните приоритети на Општина Охрид, а целокупниот процесот за спроведување на активностите, кои се во интерес на зачувување на светското природно и културно наследство, остануваат важен дел од работната агенда на градоначалникот Константин Георгиески и надлежните општински служби“,
додаваат во соопштението.