Во нацрт-документот на УНЕСКО на 123 страници, во кој имаше увид „360 степени“, се оценува дека не само што не се отстранети постоечките закани и слабости, туку од 2017 г. досега се додадени и нови
Нацрт-извештајот е пратен за коментари од надлежните институции, а конечната одлука дали Охридскиот регион ќе биде впишан на Листата на Светско природно и културно наследство во опасност, треба да се очекува најрано во јули
Исполнети се условите за Охридскиот регион да се впише на Листата на Светско природно и културно наследство во опасност зашто во последните три години не се завршени задолженијата побарани во 2017 година, пишува во нацрт-извештајот на УНЕСКО за состојбата во Охридскиот регион.
Напротив, се заклучува во нацрт-документот, продолжува развивањето проекти со кои дополнително се загрозува ова заштитено подрачје, а евидентнo е и дека регионот е високо ранлив поради значајни проблеми со менаџирањето и слабото спроведување на законската рамка.
„Ова доведе до несоодветни интервенции, негативни ефекти на градското планирање и зголемен број проектни предлози, кои заедно резултираа со сериозно влошување на урбаните, руралните и природните предели, како и на клучните атрибути на неговата извонредна универзална вредност, поради што подрачјето ги исполнува условите да биде впишано на Листата на Светско наследство во опасност“,
пишува во нацрт-извештајот на УНЕСКО.
Обемниот нацрт-извештај на УНЕСКО, напишан на 123 страници, се однесува на двете страни на Охридското Езеро, бидејќи во 2019 година како светско природно и културно наследство беше впишан и делот од регионот кој се наоѓа на територијата на Албанија.
Во однос на културните вредности, се забележува дека на македонската страна, во старото градско јадро на Охрид се вршат градежни интервенции за реконструкција на куќите, санација или доградба, со користење несоодветни градежни техники и материјали.
„Овој вид интервенција веќе влијае на интегритетот и автентичноста на традиционалното историско ткиво во стариот дел на градот“,
пишува во нацрт-извештајот.
Се забележува и дека е видлива изградба на високи згради со слаб архитектонски квалитет во близина на Охридското Езеро, во Охрид и во Струга. Комитетот за светско наследство на УНЕСКО нотира дека отстранувањето на нелегалните градби долж крајбрежјето се одвива бавно.
Пред две години УНЕСКО и даде уште една шанса на земјава за Охридското Езеро да не се впише во Листата на Светско природно и културно наследство во опасност, а во исто време албанската страна влезе на листата на светско наследство на УНЕСКО.
По сесијата на УНЕСКО во Баку во јули 2019 година македонските власти беа задолжени да донесат низа документи, меѓу кои и Планот за управување со Охридскиот регион, како механизми потребни за спроведување на препораките на УНЕСКО. Од македонска страна одговорност за Охридскиот регион делат општините Охрид, Струга и Дебрца, потоа Завод и Музеј Охрид, Управата за животна средина, како и повеќе министерства и други државни институции.
Документот е во нацрт-верзија и е испратен за коментари од надлежните институции во Северна Македонија. Врз основа на коментарите и постоечкиот документ, Центарот за заедничко светско наследство (на УНЕСКО) треба да изготви нацрт-одлука, која заедно со извештајот ќе се дебатира на ниво на Комитетот за светско наследство (на УНЕСКО). Во нормални околности, конечната одлука би требало да се очекува во јули оваа година, но неизвесно е дали ќе биде така со оглед на пандемијата со ковид-19.
(Повеќе детали од нацрт-извештајот ќе објавиме во текот на утрешниот ден.)