Со соопштение до јавноста адвокатот Мерџан Даури, кој ја застапува градежната инспекторка од Гази Баба, Елисавета Најдовска во предметот „ТНТ“, се жали од Судечкиот совет во Кривичниот суд затоа што не му обезбедил превод на сите списи и докази. Според Даути ова претставува повреда на постапката, бидејќи, како што вели, не е испочитуван Законот за јазици.
„Од првиот ден, т.е. 04.11.2019 година, кога сум се ангажирал како бранител на обвинета Елисавета Најдовска од Скопје, до Основен Кривичен Суд Скопје, сум побарал да ми се даде можноста на превод од македонски јазик на албански јазик на сите списи и докази, се со цел да ми се овозможат сите права согласно закон, поради фактот да понудам најквалитетна моја одбрана на клиентот кој го застапувам во овој кривично правен настан, нешто што од страна на Судот никогаш не сум добил. Сепак морам да истакнам дека со досегашниот начин на водење на судските рочишта ми се ограничува правото на користење на албанскиот јазик како мој мајчин јазик за службена употреба во судската постапка, што е спротивно на Амандаман V од Уставот на РСМ и член 9 од Законот за употреба на јазиците, кои имаат за последица загрозување на правото на одбрана (заштитено со член 6 ст.3 од Европската конвенција за човекови права) и суштествена повреда на одредбите на кривичната постапка“,
стои во соопштението на Даути испратено до медиумите.
Тој го обвинува судијата Огнен Ставрев, кој го води овој предмет, дека одбива неговите одлуки со кои се одбиваат барањата за превод на адвокатот, да ги нотира во записниците од одржаните рочишта, со што, како што вели Даути, му се оневозможува по истите да преземе други правни дејствија.
„Необезбедувањето на превод на сите потребни документи и материјали, односно необезбедувањето на симултан превод за време на целиот тек на постапката претставува суштинска повреда на постапката“,
посочува Даути.
Дополнитено тој тврди дека на одбраната не и се дава примерок од записнискот по завршување на самите рочишта. Ова, вели тој, ги оневозможува адвокатите да се подготват за вкрстено испитување, но и за соодветна и професионална одбрана.
Даути реагира и на динамиката со која судечкиот совет ги закажува рочиштата. За време на празниците судечкиот совет одреди нови термини за продолжување на расправата, со што се предвидуваат повеќе рочишта во месец јануари.
„Основниот Кривичен Суд Скопје, со недавање на записници и закажување на секој дневни и одржување на рочишта за предметот „ТНТ“, ни забранува да се подготвуваме и да даваме соодветна и професионална одбрана, а тоа е ПРЕСЕДАН за правосудството!“,
тврди адвокатот.
Неодамна министерката за правда, Рената Дескоска, посочи дека барањето на Даути за превод на сите списи во „ТНТ“ на албански јазик е експлицитен пример за тоа како одбраната на обвинети во предмети на СЈО се обидува да ги одолговлекува постапките. Според Дескоска ова претставува злоупотреба на Законот за јазици.