Самостојните уметници во С Македонија се регистрирани како вработени лица, иако не остваруваат приходи на месечно ниво
Во Србија се продаваат цели фризерски салони бидејќи немаат заработка
Корона-кризата, но и мерките што се преземаат за спречување на ширењето на вирусот во повеќето професии го променија начинот на работа. Уште во првиот месец од прогласувањето на епидемија во земјава одредени професии се приспособија на новото нормално, како работењето од дома. Властите донесоа и неколку антикризни мерки со кои беа таргетирани различни категории граѓани. Голем предизвик за да се истрае во вакви услови несомнено имаат музичарите што не се вработени во државни културни институции и нивната заработка е исклучиво од настапи на свадби, настапи по кафеани, кафулиња и други угостителски објекти. Според протоколите што ги усвои Владата, по препораката на Комисијата за заразни болести, тие не можат да работат. Со сличен предизвик за да преживеат се соочуваат и негувателките, чистачките или сите оние што заработуваат во сивата економска зона.
Состојбата е речиси иста и во Србија, затоа „360 степени“ и „Јужне вести“ заедно ги лоцираа овие групи граѓани, кои се економски жртви на пандемијата, но не се видливи за системите на двете земји.
Регистрирани како вработени, но останати без приходи
Музичарот Џон Илија Апелгрен од Скопје припаѓа на категорија самостојни уметници и државата ним им плаќа здравствено и пензиско осигурување. Но, за да го добијат овој статус, потребно е да бидат регистрирани со фирма на трговец поединец и така во Агенцијата за вработување фигурираат како вработени лица, иако не остваруваат приходи.
„Оние првите мерки што ги донесе Владата, за по 14 500 денари за месеците април и мај, без услови ги дадоа барем за оваа група самостојни уметници и тие ги добивме. Следните, кои беа за туризам и за купување на домашни производи, не ги добивме, не бевме во тие групи. Другата мерка што ја донесоа сега бара исполнување одредени услови. Еден куп музичари, не само самостојни уметници, туку и оние што свират по ресторани и свадби, тешко ќе ги исполнат тие услови. Затоа што се бара да сте невработено лице, а тука веднаш отпаѓаме сите самостојни уметници. Се бара да имате помалку приход од 80 илјади денари во период од јануари до септември. Но, ние во јануари, февруари и до средината на март работевме, така што приходи имаме над таа сума. Ако се бараше за период од март до август, сумата ќе беше нула денари. Но, ова е вака направено веројатно за да се намали бројот на оние што ќе може да ја добијат помошта. Исто така, се бара да имаат реализирано три проекти во областа на културата за одредено време и тука јас немам проблем, но оние што свират исклучиво свадби или само во угостителски објекти, тие нема да можат да покажат дека работеле на проекти од културата. Па, и тука бројот ќе се намали за исполнување на условите, особено за оние што се во здруженијата на естрадни уметници и слично. Така што, последниве мерки се направени за што помалку луѓе да можат да добијат помош за која имаат потреба“,
вели Апелгрен.
Појаснува дека, иако Владата дозволи протоколи за одржување на концерти, за еден музичар да може да живее нормално, би требало да има по пет концерти месечно, а тоа никој не може да го оствари. Тој од почетокот на епидемијата досега одржал два концерта, еден во ноември и еден во декември.
„Државата треба да направи протоколи како што има протокол за седење до четворица на маса. Не гледам каков би бил проблемот ако музичарите се оддалечени од масите и свират. Ние пееме со микрофони и не се дереме за да исфрламе аеросоли и со тоа да го загрозиме здравјето на гостите. Значи, пееме тивко и на микрофон. Мора да се направи протокол затоа што оваа состојба е неодржлива“,
додава тој.
Вели дека другите држави низ Европа посериозно ги помогнаа уметниците, особено музичарите.
„На пример, кога во Германија на музичарите им беше забрането да свират, веднаш добија помош, по два дена има беше исплатена, потоа им се дозволи да работат. Сега повторно им е забрането и повторно ќе добијат помош. Во Италија, исто така, има помош која е во зависност од тоа на кое здружение припаѓате. Во сите држави каде што им беше забрането на уметниците да работат им се помогна. Кај нас се бара начин да не се помогне, односно се носи мерка за пи-ар со која се вели помагаме, меѓутоа во реалноста е сосема различно“,
додава Апелгрен.
За негувателките е потребна итна регулација на работниот однос
Ковид-19 се покажа како предизвик и за оние што работат во домашни услови и даваат лични услуги, грижа, нега или помош. Според Сања Аризанов, која е основач и консултант во Асоцијација за консалтинг, социјално претприемништво и доживотно учење „Фрст фајв“ (First Five) и платформата BabysittingMk.com, вели дека во првите месеци, кога беа донесени мерките за ослободување од работа на родителите на деца до 10 години, повеќето од семејствата ја искористија оваа можност. Со тоа, продолжувањето и одвивањето на ангажманот на негувателките бил предмет на индивидуален договор помеѓу семејство и негувателката.
„Некои се имаа одлучено да направат пауза, додека други продолжија со истото темпо и услови како претходно со приспособување на мерките за ограничување на движењето. Дел од родителите се одлучија да работат од дома, дел од родителите работат за странски компании со различна временска зона, така што согласно тоа и фактот дека и градинките беа затворени, потребата за згрижување и нега во домашни услови не беше значително намалена“,
вели Аризанов.
Но, таа вели дека со денешните услови, кои ги наметна корона-кризата, како клучно прашање кај оваа категорија работници се покренува регулацијата на нивниот работен однос.

„Според нашите истражувања, најголем дел од негувателките што работат во домашни услови работат во сива зона, односно не остваруваат права од работен однос, бидејќи истиот не е заснован. Во такви услови, кога негувателката има свои деца и работи непријавено во домот на семејство, се поставува прашањето какво право има да ги користи мерките на Владата, да користи здравствено осигурување и други права што произлегуваат од работен однос. Исто така, големо е прашањето и на кој начин е заштитена негувателката доколку семејство сака веднаш да го прекине работниот ангажман. Ова останува најтешко и најконтроверзно прашање кога зборуваме за работењето во домот на семејство. Продолжување и прекинување на работен однос како и промени во надоместокот се оставени на индивидуален договор и разбирање помеѓу родителот и негувателката. Ова прашање се наметнува со години наназад и неговото разрешување ќе им донесе сериозни бенефити, како на работно способните негувателки така и на семејствата“,
појаснува Аризанов.
Во однос на спроведувањето на препораките за заштита од вирусот, Аризанов вели дека иако индивидуални се барањата на семејствата кои ангажираат негувателки, се случува некои од нив да бараат негувателките да не користат јавен превоз, како и да носат маска во текот на денот, односно во текот на работењето.
„Моментот со превозот станува значаен особено во зимски период кога негувателките не се во можност да користат алтернативни начини на превоз како велосипед, тротинет или мопед. Други семејства, пак, очекуваат од негувателките да ги следат заштитните мерки кои и самото семејство ги применува. Дел од семејствата се имаат одлучено во домот да постават УВ-ламби за дезинфекција на просторот. Она што е важно е дека негувателките се тие што и без постоење на ковид-19 треба да имаат висока свест за личната хигиена, како и хигиената на просторот во кој работат“,
додава Аризанов.
Една текстилна работничка ја доби битката против неправдата
Текстилните работнички, иако повеќето имаат некаква регулација на работниот однос, се покажаа како една од најзагрозените категории работници за време на кризата. Проблематично кај нив е што тешко може да одржуваат дистанца на работното место, бидејќи машините на кои шијат се една до друга, на работа одат со групен организиран превоз и слично. Но, проблем имаа и со користењето на времените владини мерки кои ги ослободуваа од работа, па така една работничка за време на корона-кризата која била бремена беше незаконски отпуштена.
Како што неодамна информираше „Гласен текстилец“, работничката го тужела работодавецот, а судот утврдил дека ѝ се повредени работничките права и ја вратил на работа.
„Работодавачот ѝ даде незаконски отказ поради кршење на редот и дисциплината. Оваа работничка собра храброст и го тужеше работодавачот, со тужба поради работен спор и приватна кривична тужба и ја доби оваа битка, со што судот го усвои тужбеното барање, го утврди незаконитото постапување, со кое се повредени работничките права. Судот го поништи решението за откажување на договорот за вработување“,
соопштија од „Гласен текстилец“.

Од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), пак, велат дека годинава преку кампања „Правна заштита – сигурност на работничките права“ обезбедиле правна заштита на повеќе од 80 илјади работници. Обраќањата на работниците се однесувале на откази, притисоци за потпишување спогодбени откази, за трансформација на работниот однос, намалени плати и упатување на принуден одмор на хронично болните и лицата што се грижат за деца до 10 години, како и за исплата на регрес за годишен одмор.
„Евидентирани се и голем број обраќања за прекинување на договорите за дело, предвремено прекинување на договорите за вработување на определено време и непријавена работа. Најголем дел од обраќањата се од работници што не се синдикално организирани, со што се оневозможува вистинското дејствување на ССМ. Големиот број обраќања од работници кои не се членови на синдикат и во овие сложени здравствени услови уште еднаш го потенцираше значењето и неопходноста од синдикално организирање и функционирање“,
велат од ССМ.
Во Србија на огласи се продаваат фризерски салони
Во Србија интернетот е полн со огласи преку кои се продава опрема за фризерски салони бидејќи многу фризери велат дека планираат да ги затворат своите салони по јануари. Дотогаш се обврзале да работат бидејќи добиле помош, но велат дека всушност немале работа.
„Најтешко е во периодот кога ни е забранет викендот и имаме можност да работиме само кога работат и другите, па во подобрите денови имам по две клиентки дневно. Од тие приходи не можам ни трошоците да ги покријам, а расходите се исти“,
вели фризерка од Ниш.
Колкави се приходите и колку се помалку во однос на истиот период од претходната година, фризерката Јелена Тодоровиќ објаснува вака:
„Се слушам со друга колешка, си разменуваме вести. ‘Леле, собрав за кирија’, јас на неа ѝ јавувам ‘леле собрав за струја’. Ние се радуваме кога барем за тоа ќе заработиме. Ова е сериозна катастрофа од која не гледам излез“,
вели Тодоровиќ.
Претседателот на Здружението на угостители, Бојан Митиќ, неодамна оцени дека во Ниш, каде што според нивните податоци регистрирани се 550 угостителски објекти во кои работат приближно 6 000 вработени, многумина ќе останат без работа поради мерките на владата против пандемијата.

Слична судбина ги чека и вработените во хотелите, туристичките агенции, како и другите претприемачи кои работат во услужните дејности.
За време на вонредната состојба Србија донесе пакет мерки за помош на економијата и граѓаните. Економистите анализираат дека дел од мерките навистина помогнале, бидејќи некои стопанственици не пропаднале, а се задржале и работни места. Додека, пак, за вториот дел од мерките, како доделување на граѓаните по 100 евра, и тоа пред избори, стручњаците го оценуваат како популистичка мерка.
Уредничката на „Нова економија“, Билјана Степановиќ, вели дека првата мерка која владата на Србија ја спровела на почетокот на пандемијата на коронавирусот, а која се состоеше од исплата на минималец во рок од три месеци, во голема мера им помогнала на работодавачите и ги одложила отпуштањата од работа.
„Досега не сум видела точни податоци колку луѓе останале без работа. Постојат само проценки. Една е проценката на синдикатот, други се проценките на властите, но тоа сè уште не е сигурно, ниту официјално особено поради оваа помош. Точната состојба ќе ја видиме кога ќе помине забраната по Нова година“,
објаснува Степановиќ.

Останале без работа, но се невидливи во статистиката
Степановиќ истакнува дека е тешко да се направи проценка за тоа колку луѓе останале без работа бидејќи постојат многу луѓе што официјално и не биле вработени.
„Им се раскинуваат договорите на луѓето и тие практично од следниот ден не се вработени. Друга категорија луѓе се оние што работеле во таканаречената сива зона, кои воопшто и не биле пријавени, за кои не знаеме и не можеме да знаеме колку ги има. Значи, постојат луѓе за кои не знаеме, и тоа од разни занаети. Тоа се фризери, козметичари, луѓе кои продаваат стока на мало, од текстил до обувки, луѓе што се занимаваат со внатрешна декорација, разни работи. Тоа што јас со сигурност го знам е дека луѓе остануваат без работа на дневно ниво“,
објаснува Степановиќ.
Еден од оние што останале без приходи затоа што немал договор е и Младен Милојковиќ, глумец од Нишкиот куклен театар. Во театарот работи веќе 10 години, а по 2019 година е ангажиран како хонорарец. Кога поради короната се спуштиле завесите, тој и неговите колеги хонорарци останале без примања, а помош од државата не можеле да добијат затоа што немале статус на самостоен уметник.
„Ветувањето од страна на театарот дека ќе бидеме покриени со некаков договор не се исполни. Заработив вкупно 4 000 динари за ноември и декември. Единствено што ми преостанува е тужба. Тужба која ме штити, колку и да звучи апсурдно тоа“,
вели Милојковиќ.
Некои занаетчии, пак, имаа значително намалена заработка за 2020 година. Меѓу нив е и пензионерот од Ниш, кој изработува од туристички сувенири од керамика со градските обележја.
„Носам сувенири по саеми, но и во некои продавници. За време на летниот период секогаш има многу работа, особено за време на ‘Нишвил’ кога доаѓаат многу странци. Не постигнував да направам доволно колку што се бараа, затоа што не е сериско производство туку ги изработувам рачно и целото семејство ми помага. Во 2020 година првпат имав многу слободно време. Никогаш не сум имал помалку работа, не продадов ниту десетина“,
вели овој пензионер.

Музичарите што живеат од свирки на веселби или во клубови и кафеани, исто така, останаа без заработка. Даниел Стојановиќ од бендот „Национална класа“ вели дека не свиреле од март минатата година.
„Имавме закажани свадби и прослави до октомври, но ништо од тоа. Државна помош добиле само некои музичари, но станува збор за мал број од нив кои уплаќале придонеси преку здружението. Имено, многу од нив немаат пари да ги плаќаат тие давачки. Нашите хонорари не се толку високи, овде на југот за секоја свирка музичарот добива од 50 до 100 евра“,
вели Даниел.
Тој додава дека сите од неговиот бенд биле приморани да бараат работа надвор од нивната професија.
Без работа останале околу 600 работнички, а меѓу нив имало и трудници и леунки
Дури три текстилни фирми во Ниш ставиле клуч на врата, две се изјасниле дека тоа е поради корона-кризата и намалената побарувачка на пазарот, а една од нив како причина го навела пензионирањето на сопственикот. Околу 600 работнички останале без работа, а меѓу нив имале трудници и жени кои штотуку се породиле.
Директорот на регионалната стопанска комора во Ниш, Александар Милиќевиќ, вели дека со нивна интервенција успеале да најдат други работни задачи за отпуштените работнички низ останатите фирми во Нишкиот Регион. Тој оценува дека, со оглед на околностите, кризата поминува добро.
„Ние пред сè сме производствен регион и имаме многу компании кои извезуваат, а самиот извоз е намален за 2 до 3 отсто во однос на минатата година. Има компании што добро поминаа, посебно тие во прехранбената индустрија, извозот на овошјето беше подобар од претходната година. Од друга страна, во туризмот, патничкиот сообраќај и угостителството е катастрофа. Тоа е трагедија со уште полоша прогноза“,
вели Милиќевиќ.

Податоците од нишката филијала за Националната служба за вработување покажуваат дека нема големи промени, односно дека од 1 март до 28 декември 2020 година се поднесени 4 114 барања за остварување право на паричен надомест во случај на невработеност, додека во истиот период во 2019 година биле поднесени дваесетина барања помалку.
Некои бизниси останаа имуни на корона
Покрај здравствените работници кои се вработуваа, како и фармацевтската индустрија која профитираше, барани се и мајстори и произведувачи на градежен материјал.
Слаѓан Јовановиќ од Ниш, кој се занимава со производство и вградување декоративни цигли, вели дека работата им се удвоила во однос на минатата година. На оваа состојба имал влијание намалениот увоз, но фактот е дека сѐ повеќе луѓе сакале да го уредат просторот во кој живеат.
„Луѓето повеќе време поминуваа дома и видоа што сѐ треба да се среди, а многу од нив не отидоа на одмор и на тој начин заштедија за да си ги уредат станот, куќата или дворот“,
објаснува Јовановиќ.

Тој вели дека кога станува збор за градежни материјали, за кои во еден момент немало увоз, домашните инвеститори морале да се свртат кон домашните производители.
„Пандемијата не е нешто што би го посакале, но ете се случи на нашиот сектор да му донесе повеќе работа. Разговарам со колегите, дефинитивно мајсторите имаа полни раце работа годинава“,
искрен е Јовановиќ.
АВТОРИ: Ивана Настеска и Јелена Цаниќ Милановиќ
Оваа сторија е изработена во соработка меѓу „360 степени“ од Скопје, С Македонија и „Јужне вести“ од Ниш, Србија
