Според МВР, приведените лица се поврзани со тројцата кумановци што беа уапсени пред три месеци, а за кои беше посочено дека планирале терористички напади во земјава
Осум лица вчера се уапсени во антитерористичка акција на Министерството за внатрешни работи во соработка со Агенцијата за национална безбедност и Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, соопштија од МВР.
Врз основа на наредби за претрес во дом и други простории издадени од надлежен судија од Основен кривичен суд Скопје, извршени се претреси на осум локации, од кои пет во Куманово и три во Скопје, при што пронајдени и лишени од слобода се сите осум лица.

„На 27.12.2020 од страна на Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал до Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесена е кривична пријава против Б.Ф. (32), Б.Г. (27) и Ј.К. (25) од Скопје и И.М. (22), Д.А. (21, ) Р.А. (31), С.И. (31) и А.С. (21) од Куманово за сторено кривично дело терористичка организација, предвидено и казниво по член 394-а став 2 од Кривичниот законик“,
велат од МВР.
Според МВР, лицата се поврзани со терористичка организација за која се сомничи дека ја создал Б.А од Куманово, а во неа членувале уште двајца кумановци. Тројцата беа приведени во претходна акција пред три месеца.
Според полицијата, осомничените изработувале и импровизирани експлозивни направи.
„Б.А. од Куманово создал терористичка организација во која покрај претходно притворените В.А. и Е.Љ. членувале и сега приведените врз основи на идеолошката матрица на терористичка организација ИСИС за извршување убиства и уништување јавни објекти со намера да се создаде чувство на несигурност или страв кај граѓаните. За остварување на таа намера, членовите на групата преземале повеќе подготвителни дејствија, обезбедувале финансиски средства и набавиле оружје, муниција, воена опрема, изработиле импровизирани експлозивни направи и потоа изведувале пробни испалувања и активирање на импровизираните експлозивни направи и оружјето кое што го набавиле“,
велат од МВР.
МВР информира дека членовите на терористичката група за меѓусебна комуникација претежно ја користеле интернет платформата „Ватсап“ каде што, меѓу другото, го договарале начинот на транспорт на оружје и начинот на изработка на самоубиствени појаси.
Б.Ф. учествувал и во паравоени формации надвор од територијата на Република Северна Македонија, како припадник на терористичка организација ИСИС во Сирија.
Од МВР додаваат и дека пронајденото оружје и минско експлозивни средства на 27.8.2020 година во непосредна близина на м.в. Менкова колиба, Куманово, за кое на 31.8.2020 година кривично беа пријавени Б.А., В.А. и Е.Љ., според количината и намената укажува дека дејствувала повеќечлена терористичка организација, при што со дополнително собраните докази е утврдено дека постоела директна комуникација, претходен договор и знаење за преземените дејствија помеѓу сите членови на терористичката организација.
Претходно, кога беа уапсени тројцата кумановци, директорот на АНБ, Виктор Димовски, на брифинг со новинарите рече дека дел од приведените се повратници од Блискиот Исток, кои во земјава веќе издржале и затворска казна за служење во туѓа армија и дека првичните информации се дека со оружјето и експлозивот што се пронајдени при акцијата планирале напади на институции во земјава.