Претседателот на Русија, Владимир Путин ќе ја прими вакцината „Спутник V“, најави денеска портпаролот на Кремељ, Димитриј Песков.
„Тој (Путин) кажа дека ќе се вакцинира, ја донесе таа одлука, но чекаше додека да завршат сите формалности и вакцината да стане достапна“,
изјави портпаролот.
Русија уште на почетокот на декември започна со програмата за вакцинација со руската вакцина, а самиот Путин претходно изјави дека вакцината е ефикасна и безбедна, па не гледа причина да не се вакцинира.
Денешната потврда од Песков дека 68-годишниот претседател ќе се вакцинира, доаѓа откако вчера руското Министерство за здравство одобри вакцината „Спутник V“ да се користи за масовна вакцинација на лицата над 60 години.
Кога станува збор, пак, за претседателот на САД, Доналд Трамп, засега не е јасно дали и кога тој би се вакцинирал. Како што беше објавено од претходно, лекарите му препорачале да почека со вакцината од причина што додека беше заразено со коронавирусот беше лекувал со третманот со моноклонски антитела. Од Белата куќа претходно изјавија дека тој е отворен за тоа, а денеска, водечкиот американски епидемиолог Ентони Фаучи, му препорача да се вакцинира.
„Одлуката за тоа дали ќе се вакцинира зависи од него и од докторот во Белата куќа. Моја препорака, тоа го реков и претходно, е дека јас би го вакцинирал. Тој сè уште е претседател на САД. Важна личност. Мојата препорака за претседателот останува иста“,
изјави Фаучи за „Си-ен-ен“.
Актуелниот потпретседател на САД, Мајк Пенс, веќе се вакцинираше, а истото го направи и новоизбраниот претседател, Џо Бајден. Вакцинација најави и идната потпретседателка, Камала Харис.
Во САД досега се одобрени и се користат две вакцини, онаа на „Фајзер“ и „Бионтек“, и таа на „Модерна“.
