Норвешка, Португалија и Канада се последните земји кои објавија дека го регистрирале новиот вид на коронавирусот, кој првпат беше регистриран во Велика Британија на 14 декември.
Норвешкиот институт за јавно здравје денеска потврди дека две лица го имаат новиот вид на вирусот, а „Гардијан“, пак наведе дека станува збор за лица кои неодамна пристигнале од Велика Британија.
Денеска и Португалија објави дека ги регистрирала првите случаи. Тие се откриени на островот Медеира каде локалните власти за цивилна заштита рекоа дека станува збор за патници кои пристигнале од Велика Британија, но не прецизираа колку луѓе се заразени со новата мутација.
„Идентификувањето се случи благодарение на скринингот што се врши на аеродромот во Медеира кој овозможува да се следат позитивни идентификуваат, а потоа и испратат во изолација случаите кои ќе бидат откриени“,
соопштија локалните власти за цивилна заштита.
И Канада е меѓу последните земји каде е откриен новиот вид на коронавирусот. Властите во Онтарио соопштија дека во канадската провинција се потврдени два случаи на новиот вид на ковид-19, како тој во Велика Британија. Станува збор за брачна двојка, за која како што објавија медиумите, не патувала ниту била изложена на ризични контакти.
Мутацијата на ковид-19, досега беше откриена во повеќе европски земји. Меѓу првите кои го потврдија, по Велика Британија, беше и Данска. Пред два дена, такви случаи регистрираше и Ирска. И Јапонија, исто така, досега се запиша на листата земји со новиот вид на коронавирусот. Таму беа регистрирани пет случаи и станува збор за лица кои во текот на декември патувале во Велика Британија и се вратиле во Јапонија пред јапонските власти да ги зајакнат контролите на границите за патниците од оваа држава.
