Постапката за избор на нов народен правобранител е започната на нетранспарентен начин со сокривање на огласот, велат од Мрежата за заштита од дискриминација. Тие бараат Собранието да го поништи огласот и да распише нов на транспарентен начин.
„На 22-та пленарна седница, Собранието изгласало Одлука за распишување оглас за избор на народен правобранител. Иако Мрежата за заштита од дискриминација повеќепати апелираше одлуката за распишување оглас за избор на народен правобранител да биде објавена јавно и транспарентно, Собранието на РСМ оваа одлука ја објавило само во ‘Службен весник’ бр. 285 од 30.11.2020 и во три печатени медиуми: Слободен печат, Нова Македонија и Коха. Имајќи го предвид повеќегодишниот тренд на напуштање на печатените медиуми и сѐ поголемо читање и информирање од електронските медиуми, може да се заклучи дека ваквото објавување на огласот е тенденциозно со цел што помала информираност на јавноста, а со тоа и на потенцијалните заинтересирани кандидати за пријавување по огласот. Ниту еден поголем електронски медиум, вклучително споменатите печатени медиуми на своите веб-страници, немаа објавено никаква информација за огласот за избор на народниот правобранител“,
велат од Мрежата за заштита од дискриминација.
Додаваат дека огласот го нема ниту на веб-страницата на Собранието во вообичаениот дел каде што се објавуваат сите јавни огласи на законодавниот дом.
„До моментот на изготвување на оваа реакција, огласот за избор на нов народен правобранител не може да се најде во категорија ‘Огласи’, а одлуката за него може да се најде само во дневниот ред за 22-та седница, објавен во делот ‘Пленарни седници’. Оттука, јасно е дека целта на Собранието е да го затскрие огласот од очите на јавноста и да се остави поголем простор за партиско пазарење во изборот на народниот правобранител помеѓу парламентарните партии“,
се вели во соопштението.
Од Мрежата за заштита од дискриминација се сомневаат дека огласот намерно не се дистрибуирал во јавноста и кандидатот за народен правобранител е веќе договорен помеѓу партиите.
„Пропаѓаат сите ветувања за департизација на општеството, а особено за независните институции за човекови права кои имаат мандат да ги штитат правата на граѓаните од власта. Прашуваме, како е возможно кандидат назначен по партиски клуч ефикасно да ги штити правата на граѓаните кога тие се повредени од страна на истата власт?! Ветувањето за ‘едно општество за сите’ останува празна предизборна флоскула доколку не се назначат соодветни кадри кои ќе работат на реформирање и унапредување на клучните институции кои ги штитат правата и еднаквоста на граѓаните. Партиското назначување на кадри во овие институции само по себе е јасен показател за недостатокот на волја за унапредување и почитување на правата на граѓаните и негрижа за добросостојбата и напредокот на земјата“,
се вели во соопштението.