Предлагачите ги ставаат предложените законски измени, со кои се предвидува добивање државјанство со сведоци, во контекст на претстојниот попис
Двете најголеми парламентарни партии – владејачкиот СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ имаат многу забелешки на предлог-законот за државјнство, предложен од пратеници од опозициските Алијанса на Албанците и Алтернатива.
Од СДСМ соопштија дека не ги поддржува измените на Законот за државјанство во предложената форма. Партијата има забелешки за кои најави дека ќе разговара со пратеничките групи и ќе поднесе амандмани.
СДСМ: Со консензус до соодветно решение
„За измените на текстот на Законот ќе разговараме со предлагачот и со другите пратенички групи и тие измени ќе ги направиме по пат на амандмани, а целта е обезбедување поширок консензус за да се дојде до соодветно решение. Измените на текстот на Законот за државјанство влегуваат во скратена процедура во Собранието бидејќи се работи за долгогодишен проблем за државата“,
наведуваат од СДСМ, посочувајќи дека корекциите што ќе ги побараат ќе бидат во насока на почитување на меѓународните стандарди за решавање вакви проблеми, затоа што, како што се посочува, решението треба да биде системско и одржливо, за да не се дојде во ситуација со решавање на ова прашање да се отворат други прашања.
Мисајловски: Неопходна е основана и јасна процедура
Многу амандмани, за да се смени текстот на првичниот предлог-закон, најавува и Владо Мисајловски, пратеник и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, која во неколку наврати во изминатиот период настапуваше синхронизирано во парламентот со коалицијата Алијанса/Алтернатива.
„На последната седница, помина и законот за државјанство и добро е што и некои од вашата коалиција на СДСМ не се согласуваат со овој закон. Тоа е добро, затоа што тројца сведоци од каде било можат да кажат за некој да си земе македонско државјанство. Се менува редот и поредокот. Тој закон мора суштински да се промени. И ние ќе дадеме многу амандмани и се надевам заедно ќе го смениме текстот“,
рече Мисајловски, говорејќи на денешната собраниска седница.
Тој укажа дека брзите постапки за носење закони прават голема штета на сите.
„Знаете што ќе се случува, многу луѓе, од многу различни краеви, ќе си добиваат државјанство. Се ќе се смени, цел поредок. Со тие ваши брзи постапки се прават многу грешки. Се надевам ќе добиеме поддршка и се надевам на поддршка затоа што ќе имаме фантомски партии, фантомски партии, фантомски гласачи. И не спорам дека некои треба да добијат државјанство, но треба да има основана и јасна процедура“,
рече Мисајловски.
МВР ќе даде мислење
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави денеска дека Министерството в понеделник ќе излезе со став во однос на предлог-законот за државјанство. Тој информира дека вчера во МВР пристигнал овој законски предлог,така што експертите ќе дадат мислење кое ќе биде испратено во Собранието.
Според предлог-законот, македонско државјанство ќе може да се обезбеди со изјави на три лица кои ќе сведочат дека барателот живеел на територијата на земјава од 8 септември 1991 година. Другата опција е изјава на само едно лице што во тој период било жител или сè уште живее во местото во кое живеел барателот.
Предлагачите посочуваат во текстот на законот дека со усвојување на предложените решенија ќе се дорегулира законот во делот на стекнувањето на државјанството со природување, со што ќе се даде законски основ за спроведување на претстојниот попис како најмасовна, најобемна и најскапа статистичка операција на официјалната статистика… Со предлог, исто така, како што се наведува, ќе се овозможи конзистентност на правниот систем преку усогласени нормативни решенија со Законот за прекршоции ќе се усогласи текстот на законот со Амандманите на Уставот.