УНИЦЕФ ќе биде координатор на транспортот на дел од вакцините против ковид-19 кои треба да пристигнат во земјава.
Улогата на УНИЦЕФ ќе биде и во координирање на набавките на вакцините преку Ковакс механизмот, директните преговори со производителите и со Европската комисија и земјите-членки на Европската унија.
Како што инфомираа од Владата, на денешната седница одлучиле дека Министерството за здравство потребно е да го извести Глобалниот сојуз за вакцини (ГАВИ) и УНИЦЕФ (преку претставникот на УНИЦЕФ во државава и Регионалната канцеларија на УНИЦЕФ во Женева) дека Владата на Република Северна Македонија донесе одлука услугите поврзани со набавката на вакцини против ковид-19 во рамки на Ковакс механизмот во име на Република Северна Македонија да се вршат преку УНИЦЕФ.
За оваа одлука позитивно мислење дало Министерството за надворешни работи и Бирото за јавни набавки. Според нив, такво учество на УНИЦЕФ е можно согласно Меморандумот за разбирање меѓу УНИЦЕФ и нашата земја од 2005 година, соопшти владината прес-служба.