Премиерот му забележува на опозицискиот лидер за односот кон Пендаровски, за реториката во однос на ковид-кризата и за темите што ги наметнува за дискусија, покрај проблемот со Бугарија…
Премиерот Зоран Заев изјави денеска дека веќе не гледа причина за лидерска средба откако опозицискиот лидер Христијан Мицкоски од вчера во неколку наврати повтори дека нема да присуствува на средба што би ја организирал шефот на државата, а денеска посочи и нови теми за дискусија, освен проблемот со Бугарија.
Наспроти ставовите на Мицкоски дека претседателот Стево Пендаровски го изгубил кредибилитетот за организирање лидерски средби, Заев оцени дека шефот на државата во своите настапи секогаш бил внимателен кон опозицијата и дека односот кон него, како „врв на политичката пирамида“, е несоодветен.
„Претседателот на државата е врв на политичката пирамида и треба да го почитуваме. Секогаш во своите настапи се водел од својата неутралност и внимателност кон опозицијата и власта, помали или поголеми политички партии и слично. Не е соодветен односот некој вака да се постави кон претседателот, кој секогаш им бил на располагање на сите – и на Мицкоски, и на Заев, и на Ахмети, и на Села…, а верувам и кон помалите партии“,
рече Заев.
Заев посочува на денешниот статус на Фејсбук на Мицкоски, откако тој вчера објави дека би свикал лидерска средба за случувањата со Бугарија.
„Денеска, по мојата намера да објавам дека ќе свикам лидерска средба за да соопштам за Бугарија, за тоа што се разговараше, кои се причините зошто се случи ова, затоа што сето почна од долгото и краткото име – односно дали Северна Македонија со краткото име има територијални претензии кон Бугарија и незадоволството од соодветната имплементација на Договорот за пријателство, добив реакција од шефот на опозицијата. Во неа вели дека ќе се разговара за техничка влада, за неспособноста на Владата, на здравствениот систем, за неуспехот со Бугарија… За што да свикам лидерска средба? Јас воопшто не се согласувам со овие прашања, затоа што Владата покажа пример за пријателство, продолжува да гради пријателство, покажа дека има свои црвени линии и апсолутно никогаш не ни помислува да погази какви било интереси“,
изјави Заев.
Тој вели дека нема да се дозволи да се понижуваат честа и достоинството на здравствените работници на лидерски средби.
„За жал, не успеавме да ја добиеме првата меѓувладина конференција, која верувам дека час поскоро ќе можеме да ја добиеме затоа што целосно заслужуваме. Другите 26 земји членки комплетно се зад нашите позиции, успешно и максимално се посветуваме и се справуваме со здравствената криза еднакво, како и многу други земји и многу подобро од многу други земји. Честа и достоинството на здравствените работници немаме намера да го понижиме на каква било лидерска средба заради тоа што само еден лидер на политички партии зборува со непријатни зборови за сите тие професионалци или пак, за сè што правиме на економски план. Со еден ваков апел, што е неразумно, хистерично, неодговорно, би кажал и забегано, не ја гледам причината за свикување лидерска средба. И веројатно ќе ги барам другите алатки за информирање на јавноста“,
нагласи Заев, на денешната прес-конференција со министерот за здравство.