Истражувањето е спроведено во октомври во Србија, Албанија, Северна Македонија, БиХ, Црна Гора и Косово и во него учествувале околу илјада испитаници постари од 18 години преку телефонски и онлајн анкети
Осумдесет отсто од населението на Западен Балкан верува во теории на заговор кога станува збор за новиот коронавирус, а најголемиот број „жртви“ на такви теории кои кружат на интернет се во Албанија, покажува истражувањето спроведено од Атлантскиот совет од Вашингтон и Советодавната група за јавна политика „Балкан во Европа“.
На Западен Балкан 55 проценти од испитаниците веруваат дека вакцината е направена од кинеската влада во лабораторија, 56 проценти веруваат дека фармацевтската индустрија е вклучена во ширењето на коронавирусот, 28 проценти веруваат дека постои врска помеѓу 5Г-технологијата и коронавирусот, а скоро 33 проценти веруваат дека некоја војска го развила вирусот како биолошко оружје, додека 35 проценти веруваат дека Бил Гејст го користи вирусот за да спроведе вакцинација со чипови за да ги следи луѓето.
Теориите на заговор се значително распространети кај евроскептиците отколку кај оние што се залагаат за европска интеграција – 60,6 проценти од противниците на членството во ЕУ имаат силни ставови во прилог на некои теории на заговор, наспроти 48,9 проценти од испитаниците кои се европоддржувачи.
„Кинески“ вирус, чипирање и Бил Гејтс
Гледано по земја и територија поединечно, над 60 проценти од жителите на Албанија веруваат дека кинеската влада го направила вирусот во лабораторија, што е најподдржаната теорија на заговор во таа земја, а над 55 проценти во БиХ веруваат дека фармацевтската индустрија е вклучена во ширењето на вирусот.
Дури 65 проценти од испитаниците во Албанија веруваат дека вирусот е создаден во Кина, а 58 проценти веруваат дека излегол од лабораторија во Вухан.
Втори на листата се граѓаните на Србија, каде што 41,5 проценти од испитаниците веруваат во теоријата на заговор. Србите најмалку веруваат во теоријата дека Кинезите го направиле вирусот (35 проценти) односно дека вирусот излегол од лабораторијата во Вухан (39%).
Но, затоа дури 86,1 процент од Србите кои живеат на Косово веруваат дека американскиот мултимилијардер Бил Гејтс создал вакцина за да ги „чипира“ луѓето, додека 93,7 проценти од нив сметаат дека фармацевтската индустрија играла клучна улога во создавањето и размножувањето на вирусот.
Слично е и со другите малцински етнички групи, како што се Албанците, Србите и Бошњаците во Црна Гора, како и Албанците во Северна Македонија, кои веруваат многу повеќе во теориите на заговор отколку етничките мнозински групи во тие земји.
Во Косово, 58 проценти од граѓаните веруваат дека кинеската влада го создала вирусот, во Црна Гора повеќето од нив – 58 проценти сметаат дека фармацевтската индустрија е вклучена во ширењето, во Северна Македонија 52 проценти сметаат дека фармацевтската индустрија е одговорна за ширењето. Во Србија – нешто над 50 отсто се со таков став.
Кога станува збор за примање вакцини, 53,4 проценти од испитаниците во Западен Балкан не би примиле вакцина, додека само 39,2 проценти би биле „веројатно“ или „сигурно“ вакцинирани.
Најголемата поделба во општествата во регионот во однос на приемот на вакцини има во Црна Гора, каде само 44,8 проценти би примиле вакцина.
Во Северна Македонија, според ова истражување, повеќе од 40 проценти се изјасниле дека нема да примат вакцини. Во Србија околу 33 проценти рекле дека нема да бидат вакцинирани, додека 20 проценти се оние кои ќе бидат вакцинирани, како и оние кои најверојатно ќе бидат вакцинирани.
Во истражувањето се наведува дека Западен Балкан претставува плодна почва за теории на заговор, а како причина се наведени слабите институции и недовербата во нив.
Истражувањето е спроведено во октомври во Србија, Албанија, Северна Македонија, БиХ, Црна Гора и Косово и во него учествувале околу илјада испитаници постари од 18 години преку телефонски и онлајн анкети.