Десетици илјади луѓе излегоа на улици во Техеран во знак на протест против американските „злосторства“, јавија западни медиуми откако во американски напад во Багдад беше убиен командантот на елитната единица „Кудс“ при Иранската револуционерна гарда, генерал Касим Сулејмани.
Извикувајќи „Смрт за Америка“ и држејќи постери на убиениот командант, демонстранти излегоа на улици во Техеран по петочните молитви.
Во меѓувреме, Исламската револуционерна гарда и антиамериканските сили во муслиманскиот свет најавија дека ќе бараат одмазда за нападот.
„Исламската револуционерна гарда, мудрата иранската нација и отпорот во муслиманскиот свет ќе се одмаздат на пролеаната крв на овој маченик“,
изјави денеска портпаролот на Гардата, Рамазан Шарих.
Тој додаде: „Радоста на ционистите и на Американците брзо ќе премине во тага“.
Командантот на елитната единица Револуционерна гарда Сулејмани е убиен при синоќешниот напад на американските сили врз аеродромот во Багдад.

Пентагон соопшти дека Сулејмани е убиен по наредба на американскиот претседател Доналд Трамп.