Каталонската сепаратистичка партија (ЕРЦ) му го отвори патот на Педро Санчез и тој ќе биде старо-нов премиер на Шпанија.
Партијата одлучи нејзините 13 пратеници да не присуствуваат на претстојното гласање за избор на влада во шпанскиот парламент. Со тој акт всушност ќе биде намален бројот на потребни пратеници за негов ре-избор.
За да биде избран, на Санчез му е потребно апсолутно мнозинство од вкупниот број пратеници со кое тој не располага. Но, според Уставот, доколку тој тоа не го добие, во рок од 48 часа, Парламентот повторно гласа, а за премиер ќе биде избрано лицето кое добило просто мнозинство.
Со негласањето, партијата на Каталонските сепаратисти ќе влијае нивните гласови да не се сметаат, па при второто гласање, Санчез ќе ја добие довербата бидејќи веќе располага со просто мнозинство од останатите пратеници во 350 члениот шпански парламент.
Дебатата за програмата на кандидатот за премиер Санчез ќе биде отворена в сабота, а, најверојатно, првото гласање ќе се одржи в недела.
Со оглед на очекуваниот расплет, речиси е извесно дека во вторник, на повтореното изјаснување, имајќи ги предвид јасните математики, Санчез ќе го добие мандатот да ја формира Владата на Шпанија.

фото: J.J.GUILLÉN EFE
Веднаш потоа тој има обврска да му се заколне на шпанскиот крал, ветувајќи му дека ќе го почитува и спроведува Уставот. Со оглед дека веќе има постагнатот договори со коалициските парнери за распределба на ресорите, се очекува првата седница на Кабинетот на Санчез да се одржи на 10 јануари.
За возврат на поддршката која ја добил од ЕРЦ, Санчез прифатил идната влада да има отворен дијалог за иднината на шпанската покраина Каталонија, а заклучоците од дијалогот да бидат потврдени со гласовите на граѓаните на Каталонија.
За нашата држава е од исклучителна важност формирањето на новата шпанска влада со оглед дека токму Шпанија е последната држава која го нема ратификувано Протоколот за членство на Македонија во НАТО.
Стравувајќи дека поради политичките дилеми кои надвиснуваа над официјален Мадрид, постапката во Шпанија ќе се одолговлекува, а во пресрет и на македонските избори, владата минатата недела донесе одлука за предвремена ратификација на Северноатлантскиот договор на нашата земја со НАТО, кој би бил депониран во Вашингтон откако Шпанија ќе ги заврши ратификациските процедури.