На 2 јуни 2015 година четирите партии со тогаш најголем број пратеници во Собранието се обврзаа дека 100 дена пред наредните парламентарни избори со државата ќе раководи влада за спроведување избори или таканаречена техничка, односно преодна влада. Тие принципи во јули 2018 година беа вградени во Законот за Влада, како правило што ќе важи за сите следни избори, а први се оние што треба да се одржат на 12 април оваа година
ПОСТАПКА ЗА ИЗБОР НА ТЕХНИЧКА ВЛАДА
Законот за Владата утврдува дека најпрво е неопходна оставка на актуелниот премиер (Зоран Заев). Откако Собранието ќе ја констатира, таа повлекува оставка и на целата влада. Партијата со најголем број пратеници во Собранието го номинира новиот премиер (Оливер Спасовски). Нему, согласно Уставот, претседателот на државата треба формално да му го довери мандатот за составување на кабинетот. Мандатарот потоа на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
СОСТАВ НА ВЛАДАТА
Во т.н. Влада за спроведување избори, мандатарот има обврска да предложи министер за внатрешни работи (Наќе Чулев) и министер за труд и социјална политика (Рашела Мизрахи), на предлог на опозициската партија со најголем број пратеници (ВМРО-ДПМНЕ). Сепак, за предложениот министер за внатрешни работи потребна е да постои претходна консултација меѓу двете политички партии со најголем број пратеници во Собранието, што не е случај за кандидатот кој ќе го раководи ресорот за труд и социјална политика.
Исто така, законска должност на премиерот е на негов предлог Собранието да именува дополнителни заменици на министрите за внатрешни работи и за труд и социјална политика од редовите на власта (СДСМ, Славјанка Петровска и Санела Шкријељ), а од опозицијата во ресорите финансии, земјоделство и информатичко општество и администрација (ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Димитриеска Кочоска, Цветан Трипуновски и Невенка Стаменковска).
Нивниот мандат трае од денот на изборот до денот на објавувањето на конечните резултати од Државната изборна комисија за спроведените предвремени избори за пратеници, по што мандатот им престанува по сила на закон.
ПРАВА И ОБВРСКИ НА ТЕХНИЧКИОТ МИНИСТЕР ЗА ВНАТРЕШНИ РАБОТИ
Основна задача на преодната влада е организирање фер и демократски парламентарни избори, но со оглед на специфичната улога која во тој процес ја има првиот човек на полицијата, законски се нормирани посебни правила за неговите права и обврски во периодот во кој ќе ја извршува должноста.
Техничкиот министер за внатрешни работи (Наќе Чулев) ќе може да изврши најмногу 15 разрешувања или распоредувања, на пониско или повисоко место на носители на раководна позиција во Министерството. Доколку постави нови раководители, тој има должност на предлог на дополнителниот заменик-министер (Славјанка Петрова) да именува и нивни заменици.
Тие двајца ќе имаат врзани потписи, односно доколку некој акт е потпишан само од едното лице, тој нема да биде важечки.
Министерот има право да ангажира лица за потребите на својот кабинет, а му се овозможува да врши и хоризонтални распоредувања на вработените кои се на негов предлог во бројката до 10% од бројот на хоризонтални распоредувања базирани на просекот на овие распоредувања во последните две години.
ПРАВА И ОБВРСКИ НА ДОПОЛНИТЕЛНИТЕ ЗАМЕНИЦИ-МИНИСТРИ
Дополнителните заменици на министерот работат заедно и рамноправно со министерот. Тие ги разгледуваат и ги потпишуваат сите акти и документи кои се однесуваат правните, финансиските и кадровските прашања поврзани со организацијата на изборите.
Ним им се доставува секој акт и имаат врзани потписи, но за да се оневозможи евентуална блокада на работата, министерот и дополнителниот заменик-министер се должни веднаш, а најдоцна во рок од еден ден да го одобрат или одбијат актот. Ако актот или документот е потпишан само од едното лице, се смета дека не произведува правно дејство.
Во случај на несогласување меѓу нив околу одредено правно, финансиско или кадровско прашање кое се однесува на организација на изборите, спорот во рок од 24 часа е должна да го реши Државната изборна комисија и таа одлука е конечна.
Доколку постои сомневање за можно незаконско постапување, тие може да поднесат тужба до надлежниот суд. Во случај да се спорат административни процедури и одлуки, може да се поднесе тужба до надлежниот управен суд.
Дополнителниот заменик на министерот има право на посебни советници и кабинетски службеници чиј број е еквивалентен на бројот на посебните советници чиј ангажман завршува со со крајот на мандатот на дополнителниот заменик на министерот.