Вицепремиерот Никола Димитров ја оцени бугарската блокада како голем удар за европската политика кон Балканот, но вели дека не смееме да паднеме во замка и да очајуваме туку дека треба да работиме и да се европеизираме.
„Ова е голем удар за европската политика кон Балканот. Прво бидејќи одлуката во март за почеток на пристапните преговори беше безусловна. Второ, од сите страни доаѓаа гласови дека ние ја завршивме нашата работа и треба да почнеме пристапни преговори. Треба да ја избегнеме замката да паднеме во очај или да влеземе во некакво ново чекање за да не стане ова и наш пораз мора да го искористиме ова време да си работиме“,
изјави Димитров.
Вицепремиерот вели дека има добра волја кај многу земји-членки на ЕУ да ни помогнат да се европеизираме дома и да бидеме во добра кондиција тогаш кога Европа ќе успее да ги убеди своите членки да си ги почитуваат сопствените вредности.
„Денови јас контактирам со многу од моите колеги од земјите-членки и правиме еден план како да ги вклучиме во нашата европска домашна агенда. Ако овој период не може да почне овој формален пристапен процес кој е обременет со билатерални прашања и вета, да си ја европеизираме земјата со земјите-членки кои гледаат дека апсолутно заслужуваме. Германското претседателство, Германија е една. Извештајот од октомври покажа дека самиот пристапен процес не прави чуда, ние по политичките критериуми дури имавме и извесна предност пред земји-кандидати кои се во преговорите. Затоа да бидеме во добра кондиција тогаш кога Европа ќе успее да ги убеди сите свои земји-членки да бидат на линија на сопствените вредности“,
изјави Димитров.
Меѓутоа, како што вели тој, земјава нема да дига рака и од пристапниот процес и ќе продолжи да разговара со Бугарија или според зборовите на вицепремиерот „ќе продолжи да ја убедува Бугарија дека не може правото на самоопределување да биде пречка за европските интеграции или за добрососедство“.
Прашан како ќе ја коментира изјавата на германскиот министер за Европа, Михаел Рот, кој рече дека блокадата ќе биде тешка грешка чија цена ќе се одрази брз безбедноста и на Западен Балкан и на Европа, Димитров кратко порача дека германското претседателство е силен поддржувач за евроинтеграции.
„Германското претседателство силно турка напред за ова да успее, верувајќи дека процесот на европеизација на Балканот е важен за ЕУ и во безбедноста, и во политичка, и во економска смисла. Денеска за ова се разговара како точка за информација, ќе има и прес-конференција во попладневните часови, ќе чуеме како оделе разговорите итн“,
рече вицепремиерот.