Преку обемни чистки, невидени во модерната историја на Турција, од 2016 до сега десетици илјади луѓе се уапсени, а повеќе од 140 000 се отпуштени од работа или суспендирани
Властите на Турција уапсија 198 лица, меѓу кои голем број припадници на војската, под сомнение дека биле блиски со проповедникот Фетулах Ѓулен, кого Анкара го обвинува за поттикнување на неуспешен пуч во јули 2016 година.
Апсењата се извршени по наредба на канцеларијата на обвинителот на Измир, кој издаде налози за апсење на 304 лица, осомничени за телефонски разговори со водачите на движењето Ѓулен. Меѓу осомничените, 295 работат во воена служба, пренесува Анадолија.
Во друга операција, исто така насочена кон наводните приврзаници на Ѓулен, во Анкара се уапсени 21 лице, меѓу кои има и воени лекари.
Проповедникот Фетулах Ѓулен, кој последните дваесет години живее во САД, ја предводи мрежата ФЕТО за која Анкара верува дека се инфилтрирала во турските институции, за да го симне од власт претседателот Реџеп Таип Ердоган.
Ердоган го обвинува Ѓулен, инаку негов поранешен сојузник, дека е „мозокот“ на обидот за државен удар во јули 2016 година, што Ѓулен го негира.
Од неуспешниот пуч, властите спроведуваат акции за апсење на приврзаниците на Ѓулен, преку обемни чистки, невидени во модерната историја на Турција. Десетици илјади луѓе се уапсени, а повеќе од 140 000 се отпуштени од работа или суспендирани.
Кон крајот на ноември, 337 лица, вклучително и офицери и пилоти, беа осудени на доживотен затвор во рамки на големиот судски процес за обидот за воен удар.
