По 19 години, во април треба конечно да се одржи попис во Македонија.
„Крајно време е после еден неуспешен попис во 2011 година, кој не успеа од политички причини, да го направиме, како една статистичка операција важна за државата и во април 2021 година да го спроведеме пописот“,
вели министерот за правда, Бојан Маричиќ.
Но, законот за пописот, кој беше заглавен година и половина во Собранието, дури следната недела ќе се најде пред пратениците. И тоа во прво читање, со европско знаменце и отпор од опозицијата.
„Да беа понормални условите, ние како опозиција ќе понудивме не амандмани на овој лошо исконструиран и недоречен закон за попис, туку ќе понудивме и сме во план да се понуди, кога ќе се создадат нормални услови за спроведување на попис – нов закон“,
смета пратеничката Иванка Василевска.
Колку подолго се расправаат политичарите, толку потешко станува пописот да се одржи во предвидениот термин. Бидејќи законот е само почеток на редица активности што следуваат.
„Не можеме да чекаме на негово носење, па да продолжиме со активностите, но одредени активности не можеме да ги спроведеме без носењето на законот“,
дециден е директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски.
За кои прашања се судираат власта и опозицијата и во што се разликува актуелното законско решение од она во 2011 година, кога процесот пропадна?
Оваа просторија до неодамна беше канцеларијата за состаноци во Државниот завод за статистика. Сега е склад за лаптопите потребни за спроведување на пописот, за кои институцијата плати 3 милиони евра. Но, од 5650 уреди досега се стигнати само 50 – другите ќе доаѓаат етапно.
Заводот веќе го подготвил софтверот за пописот, но теренските активности доцнат. Пречка е се уште недонесениот Закон за попис на населението.
„Требаше веќе да ги формираме регионалните пописни комисии, кои ја имаат главната улога за обезбедување на таа логистика за попис. Да обезбедат простории потребни за сместување на тимот кој ќе работи на тоа подрачје. Простории за обука на учесници во пописот за комуникација со учесниците во пописот, логистиката која ни е потреба, требаше веќе да почнеме во конституирањето на таквите комисии“,
вели Симовски.
Комисиите се предвидени во Предог-законот за попис на населението, за кој нема изгледи кога ќе биде донесен, иако предвидува операцијата да се одржи од 1 до 21 април 2021 година. Главен за пописот ќе биде Заводот за статистика, а по хиерархија, во операцијата ќе учествуваат и Совет за статистика, комисии за 45 пописни реони, државните инструктори, реонските инструктори, реонските попишувачи и други учесници во согласност со законот. Вкупно, тоа подразбира ангажман на околу 6 000 лица, кои ќе работат во целата држава.
Попишувачите ќе доаѓаат во домовите од 1 до 21 април, со лаптоп на кој има податоци за граѓаните од други бази на податоци, како на пример Катастарот, МВР, Фондот за здравствено осигурување и други. Податоците кои ќе ги даде граѓанинот за себе и за членовите на семејството, ќе бидат внесени и проверени компјутерски. Оние за кои ќе се потврди дека се во земјата или дека се во странство помалку од една година, или дека се странци кои во земјава живеат подолго од една година, ќе влезат во домашната официјална статистика. Останатите ќе бидат евидентирани дека живеат во странство, ако дотогаш веќе не ја искористиле шансата која ја нуди законот – сами да се пријават преку апликација од 15 до 31 март.
Предлог-законот предвидува кога некој член на домаќинството е отсутен, податоци за тоа лице да дава полнолетен член на домаќинството врз основа на документација. Овој член, по барање на ВМРО-ДПМНЕ, ќе биде дополнет со фразата – „од каде што може да се извади матичниот број“, а се однесува на документацијата.
„На крајот на краиштата, зошто бараме документ, може да биде испратен по мејл, копија од пасош. Битно ни е да го идентификуваме тој матичен број, бидејќи сите бази на податоци од каде што произлегуваат лични документи, лични карти и пасоши. Значи, ние можеме да влеземе во тие бази и да го провериме податокот. На нас не ни треба самиот документ, но еве го бараме за да ја тргнеме таа каква било недоверба дека некој ќе бара податоци за кого било“,
објаснува Симовски.
Но, опозицијата нема една, туку повеќе од 20 забелешки. Голем дел од нив, смета Симовски, се нереални или се косат со други закони.
„Првото барање беше пописот да го спроведува Државна пописна комисија, нешто што ние инсистираме апсолутно да не биде така. Тоа е нешто што се случува во 2011 година и знаеме кој е епилогот. Тоа тело Државна пописна комисија е политичко тело, го формира владата и е составено од политичари. Други барања се да оставаме хартиена копија од прашалникот на секое попишано лице. Тоа е нешто апсолутно илузорно. Во секој пописен круг да има двајца попишувачи Македонец, Албанец или друга етничка заедница. Некаде каде сме определиле попишувач да знае еден јазик не познава некој од етничките заедници тогаш се активира резервен попишувач кој што го знае тој јазик и заедно со попишувачот оди да се попише тоа лице на тој јазик. Само во тој случај би имале два“,
вели Симовски, осврнувајќи се на барањата на ВМРО-ДПМНЕ.
Иванка Василевска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, била дел од ланските разговори за Законот за попис. Според неа, Државна пописна комисија е добро решение и покрај тоа што телото се распадна, по што пропадна пописот во 2011 година.
„Лично жалам од позиција на опозиција и пратеник што не се заинтересира јавноста и што не се истражија доволно добро сите причини кои го условија откажувањето од пописот во 2011.
– Има судски процес за тоа.
„Тој судски процес е многу нетранспарентен, бидејќи имате одредени протагонисти во тој процес кои беа професионалци, а заглавија со истраги. А имате некои кои се наградени со титули на академици. Во 2011 не стануваше дискусија дека Државната пописна комисија е професионална да спроведува постапка, туку имавме други тип недоследности“,
вели Василевска.
Според неа, постојат и други проблематични аспекти. Предлог-законот нема поимник, не содржи транспарента процедура за избор на пописните комисии, како и други елементи.
„Наједноставно и најтранспарентно е сите вработени во државната администрација да бидат ставени на томбола и да се исфрлаат имињата на луѓето кои ќе бидат определени да се попишувачи. Мора да бидат луѓе со високо образование, како со средно? Тоа остава простор за малверзации. Трет проблем, тоа е немањето на физичка евиденција на еден пописник кој тој што го попишувате и тој што попишува на крај на давањето на информациите треба да си дадат параф да има документација која подоцна треба да биде приложена и подоцна да биде проверена“,
додава таа.
Нејзината матична партија во неколку наврати најави бојкот на пописот. Но, вели Василевска, Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ се уште нема официјален став за евентуален бојкот. Одлуката ќе зависи од епилогот во Собранието.
„Да немаше пандемија на ковид-19, да беа понормални услови, ние како опозиција ќе понудевме не амандмани на овој лошо исконструиран и недоврешен закон за попис туку ќе понудивме и сме во план да се понуди кога ќе се создадат нормални услови за спроведување на попис нов закон кој ќе ги интегрира сите препораки на Еуростат и препораките на ОН“,
вели Василевска.
Министерот за правда, Бојан Маричиќ, пак, е оптимист дека законот ќе биде донесен во текот на декември. Според Маричиќ, сите политички партии треба да застанат зад решението, наместо да се бараат политички причини за недонесување на законот.
„ВМРО-ДПМНЕ како опозиција се обидува да го политизира овој процес. За жал, и во 2011 година овој процес не успеа заради политизација. Би било трагично ако и овој пат, во 2021 година, се повикуваат на бојкот на пописот. Мислам дека не е пописот избори за политичка партија да се изјаснува дали ќе ги бојкотира или не. И самото тоа е погрешно, по мое мислење. И кој би бил ефектот од таков попис? Помалку број на Македонци во државата, ако повикува ВМРО ДПМНЕ да не се попишуваат“,
смета Маричиќ.
Според Маричиќ, нема силни аргументи пописот да се одложи. Но, дали епидемијата со ковид-19 може да ги помати плановите?
„Тоа го направивме и за изборите и покажавме дека може да се спроведе, дека државата има капацитети за спроведување на вакви операции со масовно учество на граѓаните. Ќе треба пред се попишувачите да бидат најдобро заштитени да не бидат заразени и да не ќе видиме и со вакцините дали треба да бидат достапни и соодветно употребени и кај нас“,
смета Маричиќ.
Поттик за спроведување на пописот, најмалку шест години наназад, дава и невладиниот сектор. Една од најгласните е Билјана Бејкова од НВО Инфоцентарот. Според неа, партиите треба да создаваат амбиент за дискусија за пописот кој би се одржал 19 години по последниот, а не да се дискутира за негово одложување или бојкот.
„Мислам дека е несериозно политички повторно да биде ставен под знак прашалник , предмет на различни уцени трговии преговори без разлика дали станува збор за опозицијата власта или центри на политичка и економска моќ. Ова е политички испит за сите и за власта и опозицијата, ако не се положи тогаш и двете страни ќе бидат кон граѓаните и државата“,
вели Бејкова.
Актуелните податоци на Заводот за статистика покажуваат дека на крајот на 2019 година во Македонија живееле 2 076 255 жители. Проценката се базира на комбинација на податоците од последниот попис со дневните информации за родени, починати и иселени. И самиот директор на Заводот вели дека бројката е нереално висока. Каква тогаш очекува да биде по пописот?
„Бројката ќе биде пониска, не можам да кажам која и не би сакал воопшто да прогнозирам колку би изнесувала. Впрочем да знаевме, немаше да правиме попис“,
заклучува Симоновски.