Новоизбраниот претседател на САД, Џозеф Бајден најави дека на почетокот на неговиот мандат ќе побара од Американците да носат маски 100 дена за да се спречи ширењето на коронавирусот.

Во првото заедничко интервју со избраната потпретседателка Камала Харис откако победија на изборите, Бајден за Си-ен-ен изјави дека ќе има „значително намалување“ на бројот на заразени доколку сите Американци носат маска.
„На првиот ден од мојот мандат, ќе ја замолам јавноста да носи маски 100 дена. Само 100 дена, не засекогаш”,
рече идниот претседател.
Тој исто така најави дека ќе нареди носење маски во сите владини објекти.
Но, уставните експерти истакнуваат дека американскиот претседател нема овластување да им нареди на Американците да носат маски, а Бајден и Харис во разговорот најавија дека ќе се обидат тоа да го охрабрат со нивниот личен пример.
Од почетокот на пандемијата, САД имаат 14,1 милиони заразени и 276 000 смртни случаи.