Европскиот комесар за проширување Оливер Вархели вели дека негова намера е во оваа година, како и во петгодишниот мандат да го поддржи и забрза напредокот на Западниот Балкан и да ја задржи кредибилна перспективата за идните пристапувања во Унијата.
Во интервју за „Дојче веле“, Вархели тврди дека Европската комисија нема да го промени својот став и ќе биде посветена на отворање преговори со Скопје и со Тирана.
„Важно е позитивната одлука за отпочнување преговори да биде донесена многу пред одржувањето на Самитот во Загреб“,
изјави Вархели.
Со неговата изјава се потврдуваат сознанијата на „360 степени“ дека планот на новиот еврокомесар е земјава да добие датум за преговори уште во март.
Вархели укажува дека тој и Комисијата силно ќе ги поддржат реформите во регионот кои видливо ќе придонесат за развој на економијата, за подобрување на квалитетот на животот и на слободата на граѓаните и вистински ќе ги приближат земјите од овој регион до ЕУ.
„Сепак, тој процес мора да биде објективен и да одговори на загриженоста на одредени земји членки, но ние не планираме да ги менуваме правилата на игра во текот на играта“,
потенцира еврокомесарот.
Вархели најави дека во голема мера неговата агенда ќе биде фокусирана на поддршка на економскиот развој на регионот преку привлекување нови фондови и инвестиции.
„Мојата амбиција е до крајот на мандатот, барем еден од нашите партнери да биде подготвен да ѝ пристапи на Унијата, а останатите да бидат во сериозна фаза од преговорите“,
вели Вархели за „Дојче веле“.