За да бидете забележани во Скопје, треба по нешто да се издвојувате. Таква борба водат и кафулињата. Некои со специфични кафиња, други со несекојдневен амбиент… сите тие од неодамна имаат конкурент чија предност е персоналот. Кога на вратата ќе ве пречекаат Филип и Златко, знаете дека сте во „Амбрела“. Кафуле во кое својот денар го заработуваат лица со хендикеп.
“Ф: Емилија ми е колешка, Тоше ми е колега, Александра ми е колешка, и Нено ми е исто другар.
Освен што работите заедно, и се дружите исто?
Да. И кога има гужва… имаше сега тука гужва, и јас работам.
Кога е гужва тешко ли ти е?
Не. Насмеан сум, сериозен и ги пречекувам гостите – вели Филип, вработен во „Амбрела“.
Н: Колегите добри ли ти се, комуницирате, се дружите?
Да, добри се… со нив комуницирам и добро се дружам.
А со гостите?
И со гостите исто, вели Златко, вработен во „Амбрела“.
Филип и Златко се дел од десетчлената екипа која се грижи ништо да не ви недостига. Тројца се веќе вработени, другите седуммина се на обука. За нешто пак да не им недостига ним, тука е Марјан Петров, или како што тие го викаат – Мано. Сопственик на кафулето, по вокација социјален работник.
„Родителите генерално сите се презадоволни – затоа што им се пружи можност на нивните деца да можат да работат во една нормална средина каде имаат секојдневен контакт и комуникација со останатата средина, а од друга страна тие се одговорни и повеќе од моите очекувања, во смисол на доаѓање на време на работа, исполнување на работните обврски итн.“, вели Марјан Петров, сопственик на „Амбрела“.
Овие десетмина од кафулето „Амбрела“ се само мал процент од лицата со хендикеп кои го бараат своето место на пазарот на трудот. Во најголем дел – невидливи за јавноста.
Според Агенцијата за вработување, 4701 лице со хендикеп се води како вработено во 2574 фирми. Од движењето против хендикеп “Полио плус“ велат дека оваа бројка е незначителна во споредба со вкупниот број на работоспосно население со хендикеп.
“Попис немаме, немаме евиденција за лица со хендикеп, ако го земеме индикаторот на СЗО кој вели дека 10-15% од целата популација на нашето општество припаѓа на заедницата со хендикеп, тоа значи од 2 милиони – 100.000 еве да ги земеме, се лица со хендикеп. Ако земеме индикаторот кој исто така го посочуваат од СЗО дека од нив, 70-80% се работоспособни лица, се поставува прашањето каде се лицата со хендикеп и зошто не се евидентирани во АВРМ“, вели Елена Кочоска од движењето „Полио плус“.
Додека здруженијата бараат од државата да ги санира слабостите во системот, за стотици фирми атрактивни се неговите предности – ги користат средствата од посебниот фонд при Агенцијата, кои неповратно се доделуваат на приватни компании подготвени да вработат лица со хендикеп. Сепак, и тука злоупотребите не се непознаница, откриваат од Здружението на младинци и студенти со хендикеп.
Како организација, дали до вас се има некој обратено со конкретен пример на хартија да е вработен, а да седи дома и да не работи?
Да, сме имале такви ситуации и такви примери многу. Сме имале и ситуации кога на некои лица им одговарало тоа, па ние сме реагирале. Како може да ти одговара, ти треба да се побуниш и треба таа плата да ја заработиш! Имало такви, но и ситуации каде буквално им велат “Седи си дома, ќе си земаш плата“ и дел од платата ја враќаш“, вели Сузана Најдоска од Здружение на младинци и студенти со хендикеп.
На своја кожа, и тоа повеќепати, злоупотреба од заштитни фирми има искусено и скопјанец кој инсистираше на анонимност.
„Имаше фирма која ми ги зеде документите, ме водеше како вработен на хартија. Ниту средства за месечна надокнада за работата, ниту знаев каде се наоѓа фирмата. Потоа најдов друга фирма, каде работев но ги враќав средствата. Ми беа побарани назад. Ако сакаш да функционираш, мора така. Самото лице со хендикеп немајќи што да направи бидејќи зависи на некој начин од тој работодавец, ги прифаќа тие негови услови…“, вели сведокот на „360 Степени“.
Трудовата инспекција е таа што треба да им застане на патот на овие појави, но тие излегуваат на терен кога Агенцијата за вработување ќе се посомнева во злоупотреби. Од Агенцијата велат дека ништо не се препушта на случајот, и во фирмите-баратели и во фирмите-корисници на средства контроли се вршат редовно, но и вонредно.
„Почесто се прави увид во фирмите корисници на средства, со цел да се утврди дали лицата се на работа, дали се на соодветните работни места, дали редовно ја примаат платата, дали таа плата е во рамки на законските регулативи и да не е пониска од минималната плата. Ако се утврдат неправилности, се известува Управниот одбор, се носи решение за враќање на доделените средства и се пристапува кон активирање на банковата гаранција“, вели Валентина Георгиевска, советник во посебниот фонд при АВРМ.
Георгиевска посочува дека злоупотребите се проретчени, но и дека може целосно да се искоренат доколку изиграните вработени се охрабрат да пријават.
„Доколку некое лице каже или дојави дека не оди на работа, дека враќа дел од платата на работодавецот или ред други причини, ние не можеме да постапиме само по таа дојава. Мораме да имаме писмен документ или доказ, или да даде изјава пред вработените во центарот или во централната служба за ние врз основа на тој документ да можеме да постапиме со санкции предвидени со закон“, вели Георгиевска.
Според заедничко истражување на “Полио плус“ и ЕУ, Агенцијата за вработување и трудовата инспекција, барем засега се наоѓаат на последните места на довербата на лицата со хендикеп.
Сознанијата не’ мотивираа, па “360 степени“ спроведе сопствена инспекција. По случаен избор одбравме и проверивме неколку фирми низ Скопје, корисници на средства од посебниот фонд.
15 лица… какви работни обврски имаат?
„Сешто работат… Дејан, тој работи на Биндер. Спрема книги за лепење. Ова е Кристина, глувонема. Лепат, прават, спремаат тефтери…“
8 ми рековте… 8 вработени. Работните обврски какви им се, што работат?
„Тоа се лица со посебни потребни, помошни работници во картонажа“.
„Еден само вработен, работи во подружница Гостивар. Си контактира со клиенти телефонски, директно, наоѓа пријатели… тој се води и како раководител на подружницата“.
Фирмите што ги посетивме работат совесно, но инспекторите имаат задача да ги откријат оние во сивата зона. Работа ќе има и за институциите – освен што ќе треба да најдат решение за пропаднатиот квотен систем според кој фирмите на одреден број вработени требаше да вработат и лице или лица со хендикеп, ќе треба со свој пример да покажат дека и самите се отворени.
Изминативе неколку години во јавниот сектор се вработија 300 лица со хендикеп. Она што на прв поглед се чини како инклузивна мерка, всушност е маска за пред јавноста – велат од здруженијата.
“Беше доста проблематичен конкурсот, односно критериумите кои лица би се вработиле во јавниот сектор… второ, луѓето во јавниот сектор не беа спремни да примат работници со хендикеп зашто првпат гледаат лице со хендикеп, не знаат да комуницираат ниту знаат што е состојба на хендикеп – ниту од аспект дека којзнае какви чуда се и дека треба да им помагаат медицински… не! Второ, не беа спремни ни самите лица со хендикеп. И трето, што стана многу симптоматично, сите повторно беа вработувани на ниски квалификувани работни места. Чувари, курири, разнесувачи…, без да се согледа нивниот афинитет и капацитет“, вели Кочоска.
“Стоеше дека беа потребни 40 советници со високо образование, 40 со средно, 40 со интелектуална попреченост, итн… значи, што се бараше? Знаете дека критериумите беа исти? Основен критериум беше приоритет при вработување ќе има лицето со хендикеп кое најдолг период е пријавувано во АВРМ како невработено лице. Па ако веќе се ставени 40 советници со високо образование, дали за тие 40 советници требаше да биде побарано си-ви, биографија, искуство, минат труд“, вели Најдоска.
Проблемите при вработување и работењето маргинални работи се само дел од предизвиците за лицата со хендикеп. Во 21-виот век тие се’ уште живеат во маѓепсан круг кој почнува со менталитетот на опкружувањето, а се заокружува со непристапноста на образовните институции, законодавство неусогласено со Конвенцијата за права на лицата со хендикеп, неправењето разлика помеѓу физички и психички хендикеп…
„Често ние правиме паралели дали покојниот Стивен Хокинг ако беше во Македонија, државјанин на Македонија, согласно нашите постоечки закони, правила, стандарди и перцепции, ќе беше лице со хендикеп кое немаше да има работа и немаше да биде вработен. Значи, која е таа 100% работна неспособност, наспроти 100% медицински неспособно лице? Ние често велиме – можеш да си лице со 100% хендикеп, меѓутоа да бидеш и 100% работоспособно лице“, вели Кочоска.
Некои, иако тешко, успеваат да излезат од маѓепсаниот круг… за други, вработувањето и себереализацијата остануваат недостижни.
Нов ден, нова борба. И нова надеж дека општеството ќе почне да разбира и да излегува во пресрет.
„Лицата со посебни потреби – не се лица со посебни потреби. Сите ние имаме иста потреба – да излезам, да прочитам книга, да се дружам, да пијам кафе, да имам семејство, да работам… начинот на задоволување на потребата е поразличен…“, вели Најдоска.
Напишете коментар