Поранешниот бугарски амбасадор во земјава смета дека политичарите сакаат напредок, но членовите на комисијата од македонска страна прават тоа да не се случи
За утре и задутре се закажани онлајн-состаноци на Комисијата на чиј дневен ред е средновековниот период
Со загриженост ја очекувам новата средба на заедничката бугарско-македонска комисија за историски прашања, но се надевам дека ќе направиме барем еден мал чекор напред, изјави копретседателот на Мешовитата македонско-бугарска експертска комисија, Ангел Димитров, во изјава за Бугарската национална телевизија (БНТ), во пресрет на нејзиното ново заседание предвидено за утре и задутре.
„Отсекогаш сакавме да работиме поинтензивно со постојан ритам, но тоа не се случи. За следната година се планирани само пет состаноци, што не е доволно“,
вели Димитров, кој е поранешен бугарски амбасадор во земјава.
Според него, постојат разлики меѓу политичарите и историчарите.
„Политичарите од двете страни сакаат напредок, но историчарите од македонска страна на комисијата прават сѐ што е можно да не се случи тоа“,
оценува Димитров.
Тој смета дека ваквиот пристап го одложува решавањето на разликите во блиска перспектива.
„Сѐ е до политичката волја, но во преден план доаѓа, не само улогата на политичарите туку и на историчарите. Не е во ред историчарите во Македонија да чекаат нова ситуација за да направат критичка анализа. Историчарот е должен да ја каже вистината и да го подготви општеството за вистината“,
вели Димитров.
Тој нагласува дека позицијата на Бугарија за прашањето на Република Северна Македонија е единствена и монолитна.
„Тоа е ставот како на Владата така и на Народното собрание и на сите партии застапени во него, а исто и на претседателот“,
заклучува Димитров во изјавата за БНТ.
Поврзана вест:
Членови на македонско-бугарската комисија се оградуваат од изјавите на Заев