Актуелниот градоначалник на Кавадарци и поранешен потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ веќе подолго време е во судир со сегашното раководство на опозициската партија која,пак, ја поддржа неговата кандидатура на изборите во 2017 година
Градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев, поранешен потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, ќе се кандидира за нов мандат на локалните избори следната година.
Оваа одлука, како што пренесува МИА, денеска тој ја споделил на средба со новинари.
„Заедно со мојот тим и Советот на Општината, за две и пол години успеавме да ја реализираме целокупната предизборна програма. Тоа ми дава за право да размислувам во тој поглед. Мојата конечна одлука е дека ќе се кандидирам за втор градоначалнички мандат. Со нови програми кои ќе бидат благодат за општината“,
изјавил Јанчев.
Тој веќе подолго време е во судир со актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, така што беше меѓу партиските функционери што беа разрешени од позициите во периодот кога се носеа уставните амандмани што произлегоа од Преспанскиот договор. Јанчев, исто така, се залагаше за учество на референдумот за името, наспроти политиките на раководството на ВМРО-ДПМНЕ за „тивок бојкот“.
На локалните избори во 2017 година, Јанчев беше единствениот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ кој стана градоначалник на урбана општина, покрај уште четири градоначалнички места што ги освои тогаш опозицијата.
Исто така, тој е меѓу поранешните функционери на ВМРО-ДПМНЕ што бараат вонреден конгрес за утврдување одговорност на лидерот Христијан Мицкоски за поразот на неодамнешните парламентарни избори.
Набрзо по јулските избори, Јанчев изрази амбиција да ја преземе челната функција во ВМРО-ДПМНЕ.
Во случај да не добие партиска поддршка за втората кандидатура за градоначалник на Кавадарци, останува отворена можноста Јанчев да се кандидира како независен, со поддршка од група избирачи.