ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса и Алтернатива и Левица ги здружија силите и поднесоа над 3 000 амандмани, за да спречат донесување на измените на Деловникот
Со поднесување на над 3 000 амандмани, парламентарната опозиција, практично ги блокира измените на Деловникот што ги предложи спикерот Талат Џафери, со цел да се бајпасираат проблемите со коворумот поради ковид-кризата.
Опозициските партии ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса и Алтернатива и Левица ги здужија силите за да спречат донесување на измените на Деловникот, кои предвидуваат пратеници кои се во изолација поради ковид-19 да може онлајн да се вклучуваат во работата на парламентот.
„Ова се предлага единствено за пратеници кои ќе биадт во изолација со решение од ДЗИ. Не важи за други пратеници и за други здравствени состојби“,
рече Арбен Зибери од ДУИ.
За предложените измени на Деловникот денеска расправаше Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, откако минатата седмица собраниското мнозинство, на пленарна седница, ја утврди потребата за нивно донесување по скратена постапка.
Меѓутоа, извесно е дека постапката, сепак, ќе трае долго и прашање е дали воопшто ќе биде завршена, со оглед на тоа што сега треба да се чека собраниските служби прво да ги преведат сите поднесени амнадмани од македонски на албански јазик и обратно.
„Ова прашање треба да се спречи бидејќи за измени на Деловникот е потребен сепартиски консензус. Досега, само еднаш се случило Деловникот да се измени на своја рака, без опозиција, во времето на Груевски. Јас и на говорница кажав, ако сакате да го вратите груевизмот, изменето го деловникот на своја рака. Сметаме дека со доволно амандмани, ќе се избориме за консензус“,
изјави Скендер Реџепи од Алијана/Алтернатива.