Тоа што најмногу го посакуваме е надминување на моменталната блокада во најскоро можно време и за таа цел апелираме на здрав разум до сите, порача амбасадорот Силвестри
Италија се залага за што е можно побрзо усвојување на преговарачката рамка за Северна Македонија, посакува надминување на моменталната блокада која настана по бугарското вето и апелира на здрав разум до сите.
Ова во интервју за МИА го порача новоименуваниот италијански амбасадор во земјава, Андреа Силвестри кој вели дека Италија отсекогаш цврсто го поддржувала чекорењето на Северна Македонија кон европската интеграција.
„Благодарение и на нашата децидна поддршка, минатиот март Европскиот Совет го призна досегашниот прогрес на земјава и одлучи да ги отвори пристапните преговори. Се работи за една многу важна политичка одлука која што веќе е донесена и која што сега ќе треба да се имплементира преку серија на чекори. Во вакви прилики, ние, Италија, се бориме со цел во Советот што е можно побрзо да се усвои преговарачката рамка за Северна Македонија, за понатаму да може да се свика и првата меѓувладина конференција. Тоа што најмногу го посакуваме е надминување на моменталната блокада во најскоро можно време и за таа цел апелираме на здрав разум до сите“,
вели Силвестри.
Во врска со спорот со Бугарија и дали треба да се дозволи праксата историски и билатерални прашања да бидат причина за блокирање на евроинтеграцијата, Силвестри потенцира дека дека европското чекорење на земјите кандидатки не треба да се поврзува со историски прашања.
„И покрај целото разбирање за важноста на билатералните прашања, остануваме цврсто убедени дека европското чекорење на земјите кандидатки треба да се држи на страна од таквите проблематики вкоренети во историјата“,
вели Силвестри.
Тој вели дека Италија со многу храброст се справила со своето минато, како земја, која во текот на Втората светска војна беше дел од Тројниот пакт, со барање да се издејствува правда за секој што претрпил неправда и бил обесправен, и на меѓународен и на внатрешен план.
„Откако се дефинираа со соодветни договори прашањата од минатото, се насочивме, заедно со нашите соседни земји, кон изградба на една заедничка рамка, Европската Унија, која не само што ни обезбеди мир, туку и добросостојба и заедништво. Перкурс кој и те како придонесе нашите граѓани денес да се чувствуваат не само како Италијанци, туку и како Европејци, на исто ниво со Германците, Французите и другите народи од Унијата. И во двата случаеви, се работи за процеси во кои бездруго и самото време одиграло важна улога“,
вели Силвестри
Тој додава дека историските процеси треба да им се доверат на историчарите, со цел да се избегнат можни политизирања и поларизации кои воопшто не помагаат при дефинирање на неутрални анализи.
Силвестри смета дека проширувањето со земјите од Западен Балкан претставува историска можност за дефинитивно раскрстување со поделбите од минатото и обединување на сите членови на европското семејство.