Во предлогот нема експлицитно дека онлајн-работата ќе биде само доколку пратениците се позитивни на ковид-19 или во самоизолација туку: „доколку присуството на пратеник на седница на Собранието претставува ризик за здравјето на останатите пратеници, пратеникот е должен за тоа веднаш да го извести претседателот на Собранието и да го извести дека на седницата ќе учествува и одлучува од далечина“
Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска изјави дека опозицијата навремено била запознаена со идејата за предлогот за работа од далечина на пратениците, потенцирајќи дека предлог-дополнувањето на Деловникот на Собранието се однесува на пратеници кои ќе бидат позитивни, ако состојбата им дозволува односно ако се асимптоматски или со лесна клиничка слика, и на пратеници кои имаат решение за изолација.
„Повикот до пратениците од опозицијата е да останат вклучени во работата на Собранието. Навреме се соопштени сите идеи. Три месеци зборуваме за тоа. Собранието нема целосно да работи онлајн. Тоа не е идејата“,
изјави Џафери за МИА.
Според него, за да се понуди соодветен одговор за функционално Собрание, треба да се има политичка волја.
Во текот на оваа недела, според првиот човек на законодавниот дом, ќе се вратат на работа пратеници кои биле позитивни на ковид-19 или во самоизолација, така што може да се очекува мнозинството да има 61 глас. Сепак, предупредува дека тоа никогаш не се знае имајќи ја предвид пандемијата, но и други околности. Според Џафери, предлогот, кој е во скратена постапка, по изгласувањето на потребата од носење треба да помине на комисија, а потоа пак да се врати на гласање на пленарна седница, така што не се знае точно кога би бил донесен.
Тој потврдува дека дополнувањето на Деловникот владејачкото мнозинство би можело да го донесе и без поддршка на опозицијата бидејќи има потреба од такво нешто. Образложувајќи го овој став, Џафери потенцираше дека има работи и закони кои се условени од пандемијата со ковид-19 и треба да бидат изгласани додавајќи дека недавањето поддршка од страна на опозицијата за нив не е во нивен прилог.
Во предлогот нема експлицитно дека онлајн-работата ќе биде само доколку пратениците се позитивни на ковид-19 или во самоизолација туку: „доколку присуството на пратеник на седница на Собранието претставува ризик за здравјето на останатите пратеници, пратеникот е должен за тоа веднаш да го извести претседателот на Собранието и да го извести дека на седницата ќе учествува и одлучува од далечина“.
Во тој случај пратеникот истовремено електронски му доставува на претседателот документ од надлежен орган со кој потврдува дека не може лично да присуствува на седница на Собранието.
Претседателот на Собранието, кој е и предлагач на дополнувањето, вели дека доколку опозицијата има забелешки во оваа смисла треба да ги достави и тие да се разгледаат.
„Ако имаат укажувања, коректно е да ги кажат“,
вели Џафери нагласувајќи дека е подготвен одредени забелешки да ги стави во текстот.
Тој повторува дека од формалното поднесување на предлогот на 16 ноември, која идеја била дискутирана три месеци, се поминати десет дена, а седум дена до ставањето на предложениот дневен ред за седницата в четврток.