Бајден веќе објави дел од номинациите, кои доколу бидат прифатени, ќе влезат во историјата бидејќи за првпат латиноамериканец ќе биде секретар за внатрешна безбедност, а жена на чело на американското национално разузнавање. Во својот тим Бајден го сака и поранешниот претседателски кандидат Џон Кери
Администрацијата на претседателот на САД, Доналд Трамп, синоќа даде формално одобрување новоизбраниот претседател Џо Бајден да започне со процесот на транзиција на власта.
Известувањето го испратил шефицата на Службата за општа администрација, Емили Марфи, со писмо во кое го нарекува Бајден „очигледно избраниот претседател“.
Дозволата за да започне транзицијата на власта се случи откако официјални лица од сојузната држава Мичиген синоќа го сертифицираа Бајден за победник на претседателските избори, а тоа наскоро се очекува да го сторат и властите во Пенсилванија.
И актуелниот претседател Доналд Трамп синоќа на Твитер потврди дека препорачал да започнат првичните протоколи за предавање на власта на Бајден „во најдобар интерес за нашата земја“.
„Препорачувам Емили (Марфи) и нејзиниот тим да направат што треба во однос на првичните протоколи и му кажав на мојот тим да го направи истото“,
напиша Трамп кој сè уште јавно и јасно не сака да го признае изборниот пораз и постојано укажува дека ќе продолжи со напорите да се ревидира гласањето, но сите напори на неговиот тим засега се безуспешни.
What does GSA being allowed to preliminarily work with the Dems have to do with continuing to pursue our various cases on what will go down as the most corrupt election in American political history? We are moving full speed ahead. Will never concede to fake ballots & “Dominion”.
— Donald J. Trump (@realDonaldTrump) November 24, 2020
Бајден и новоизбраната потпретседателка Камала Харис, во меѓувреме почнаа да ги објавуваат имињата на нивниот нов тим. За денеска е најавено дека новиот претседател официјално ќе го претстави неговиот избор за раководните функции, а досега тој ги објави номинациите за неколку позиции.
Долгогодишен соработник Ентони Блинкен ќе биде државен секретар. Тој досега беше еден од главните советници за надворешна политика на Бајден и беше втор по ранг во Стејт департментот во мандатите на претседателот Барак Обама, кога Бајден беше потпретседател.

Поранешниот кандидат за претседател на демократите, Џон Кери, кој му се спротивстави на Џорџ Буш на изборите во 2004, пак, е номиниран за специјален пратеник на претседателот за климатските промени.
Бајден го номинираше и Алехандро Мајоркас, поранешен заменик секретар на Министерството за внатрешна безбедност, сега да биде секретар за внатрешна безбедност и да ја води оваа институција. Мајоркас, кој е роден во Куба, ќе биде прв Латиноамериканец на оваа позиција.
Аврил Хеинс, пак, е номинирана за директорката на американското национално разузнавање. Таа е поранешен висок функционер во ЦИА и заменик советник за национална безбедност. Исто како Мајоркас, ако биде потврдена од Сенатот, таа ќе влезе во историјата бидејќи ќе биде прва жена на чело на националното разузнавање.
Уште една номинација која ја објави тимот на новоизбраниот претседател е за позицијата амбасадорка на САД во Обединетите нации. На таа позиција треба да замине Линда Томас, позната дипломатка, која во администрацијата на Обама беше помошник државен-секретар за африкански прашања во Стејт департментот.
Во Белата куќа треба да се смести и Џејк Саливен како советник за национална безбедност на Бајден. Тој беше висок советник во претседателската кампања на Хилари Клинтон во 2016.
Досега е познато и дека шеф на кабинетот на Бајден ќе биде Роналд Клајн.
Досегашните објавени номинации, се помал дел од тимот на Бајден. Преку приказот на „Си-ен-ен“ во продолжение може да се погледне кои места сè уште треба да се пополнат.
