Германската амбасада донираше ново амбулантно возило за Клиничка болница во Штип. Амбасадорката Анке Холштајн посочи дека вредноста на донацијата е 38 000 евра, а се реализира преку германското Министерство за надворешни работи.
„На Западен Балкан имаме партнери кои при борбата со пандемијата можат да се потпрат на нас. Германија досега го поддржа регионот со 13 милиони евра, освен тоа Европската Унија помага со 3,3 милијарди евра, во кои Германија учествува со скоро една третина“,
изјави Холштајн.
Директорот на болницата Ален Ѓеорѓијев ѝ за заблагодари на германската амбасадорка и порача дека на овој начин ќе се олесни транспортот на пациентите со тешка клиничка слика, кои се носат во Скопје.
„Јавноста знае дека Клиничка болница-Штип е регионален центар за справување во борбата со корона-инфекцијата, лекуваме секојдневно голем број на пациенти, а во последно време имаме сериозно висока бројка на пациенти, кои се критично болни, кои се тешко болни и понекогаш ситуацијата налага некои од пациентите да ги префрлиме на понатамошен третман на клиниките во Скопје. Како и досега се надевам дека и идната година со сопствени средства и со помош на донации понатаму ќе го јакнеме капацитетот на Клиничка болница-Штип и во однос на кадар и во однос на медицинска опрема“,
рече Ѓеорѓијев.