Разочарани сме што Бугарија не даде поддршка да почнеме преговори со ЕУ, но се надевам дека во декември ќе постигнеме напредок, порача министерката за одбрана Радмила Шекеринска, која денеска учествуваше на Меѓународниот безбедносен форум Халифакс.
И како членки на НАТО и како соседи со Бугарија делиме ист стратешки интерес, рече министерката, порачувајќи дека потребен ни е стабилен регион, просперитет и соработка на двата народа.

„Се надевам дека нашите дискусии со Бугарија ќе бидат продуктивни, бидејќи ние можеме да се согласиме на компромис кога е тој неопходен, но на прашања кои го засегаат правото на самоопределување, идентитетот, правото на употреба на својот јазик, ние сме крајно внимателни. Верувам дека нашите бугарски колеги ќе го разберат тоа. Тие нема да ѝ направат услуга на нивната земја ако продолжат со ветото, ние нема да ѝ направиме услуга на нашата земја ако не сме отворени за дискусија. Се надевам дека втората шанса во декември ќе биде можност која ќе ја искористат двете земји“,
рече министерката, одговарајќи на прашањето за ветото од Бугарија.
Министерката Шекеринска посочи дека компромисот со Грција покажал дека нашата држава има капацитет да се справува со комплексни прашања кога се работи за стратешките цели.
„Не беше лесно да изнајдеме решение со Грција, но тој компромис се покажа клучен за нашето НАТО-членство. Тој ја покажа нашата посветеност кон западните вредности, демократијата и кон добрососедските односи“,
рече министерката.
Зборувајќи за регионот, Шекеринска рече дека неговата „комплексност и стратегиските игри на кои е изложен, бараат решенија пред да ’експлодираат‘ проблемите“ и дека сметаме на соработка со новата администрација во Вашингтон.

Во однос на членството во НАТО, Шекеринска рече дека дома е постигнат цврст консензус одбранбениот буџет да достигне 2 отсто од БДП и дека ситуацијата со ковид покажа дека инвестирањето во безбедноста нема алтернатива.
Халифакс безбедносниот форум и годинава (виртуелно) собра 300 меѓународни учесници од врвот на безбедноста и политиката меѓу кои и државниот секретар на САД Мајк Помпео, канадскиот премиер Џастин Трудо кој преку видео ги поздрави учесниците, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, сегашниот и идниот претседавач со Воениот комитет на Алијансата, министрите за одбрана на домаќинот Канада, на Турција, Естонија, Шведска, претседавачот на Минхенската безбедносна конференција Волфганг Ишингер и други звучни имиња од одбраната и безбедноста.