Јазикот и негова соодветна азбука се дел од генетскиот код на еден народ и се произлезени од универзалното право на самоопределување. Во тој генетски код се елементите на идентитетот и потенцијалите за комуникација, општествена интеграција, за образование и развој, порачува премиерот Зоран Заев во негова честитка по повод Денот на албанската азбука.
Тој вели дека посебноста на јазикот е европска вредност која треба да се негува.
„Наша должност, должност на државата е да ги почитува, чува и негува посебностите на јазикот и писмото на секоја нејзина заедница. На тоа нè повикуваат и европските вредности, како вредности што ги прифативме како наши на патот на нашата интеграција во Европската Унија“,
вели Заев.
Со чествувањето на Денот на албанската азбука, порачува премиерот, се потврдува заедничката определба за почитување и за унапредување на етничката и културната разноличност што е богатство на Северна Македонија.
„Во оваа пригода сакам да упатам порака до сите граѓани на Република Северна Македонија дека моделот за иднината започнува со почитувањето на сите народи и етнички заедници. Тоа е европски начин. Тоа е и нашиот начин“,
вели Заев.