Одлуката за 30-дневна кризна состојба, како што најави Заев, ќе биде донесена најдоцна утревечер, а можеби и уште денеска
Да се прогласи кризна состојба на територијата на целата држава поради ситуацијата со ковид-19. Тоа е препораката на Владата од денешната седница на Советот за безбедност.
По завршувањето на седницата на Советот за безбедност, претседателот Стево Пендаровски соопшти дека одлуката за прогласување кризна состојба треба да ја донесе Владата.
Тој оцени дека состојбата во земјата со ковид-19 е исклучително сериозна. Ситуацијата не е поразлична, како што рече, и во буквално сите земји во Европа и светот, далеку полоша од пролетниот бран.
Премиерот Зоран Заев изјави дека веднаш ќе даде наредба за свикување на Управувачкиот комитет и дека кризната состојба ќе биде прогласена најдоцна до утревечер.
„Подготвени сме уште во текот на денешниот ден да ја донесеме одлуката за прогласување кризна состојба во траење од 30 дена“,
рече Заев.
Тој, исто така, не исклучи можност за „заклучување“, односно за карантин, но посочи дека препораките за тоа би требало да произлезат од Комисијата за заразни болести.
Претходно, Пендаровски потенцираше дека полицискиот час не е поврзан со кризната состојба.
Министерот за здравство Венко Филипче, кој беше повикан да присуствува на состанокот, информирал за ресурсите во здравството и за организацијата за справување со пандемијата.