Минатата недела на иста маса седна необично друштво. Христијан Мицкоски од ВМРО-ДПМНЕ, Зијадин Села од Алијанса за Албанците и Африм Гаши од Алтернатива дебатираа за вредностите на десничарските партии.
Не се собраа сами, туку на покана на политичката фондацијата „Конрад Аденауер“, субјект кој е тесно поврзан со германската ЦДУ, матичната партија на германската канцеларка Ангела Меркел.
Најинтригантна за домашната политичка сцена беше изјавата на шефот на ВМРО-ДПМНЕ дека оваа тројка во иднина би можела и да коалицира.
„Јас би сакал оваа наша соработка и во иднина да продолжи, а зошто да не кулминира со една заедничка коалиција пред локалните избори. Но, ајде прво процесот да почне, да стекнуваме доверба едни во други, па потоа да зборуваме за чекор понатаму. Единствено нешто кое нас нѐ обединува е борбата против актуелната власт, борбата против криминалот кој гледаме дека зафаќа, за жал, епидемиолошки размери“,
вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

И додека е точно дека трите субјекти имаат точки што ги обединуваат, факт е дека имаат и точки што ги разединуваат. Не фалеше многу Зијадин Села да биде убиен на 27 април при упадот во Собранието, настан за чие организирање на суд се неколкумина првенци на ВМРО-ДПМНЕ. Двете партии на Албанците ги поддржуваат договорите со Грција и со Бугарија и Законот за јазиците кои, пак, ВМРО-ДПМНЕ досега ветуваше дека ќе ги ревидира. Затоа, побаравме одговор од сите три страни – како би можеле да коалицираат со оглед на разликите?
Најотворена позиција за можна коалициска соработка добивме од Алијанса за Албанците. Партијата гледа логика во посилна опозиција против власта. Сепак, Зијадин Села вели дека е рано да се открие дали би коалицирале за локалните избори кои се в година, а сака и евентуалната одлука да се донесе како што е редот.
„Како прво, оние што одлучуваат за можна соработка се партиските тела. Централното собрание е најважното тело во рамките на Статутот на Алијанса за Албанците, кое одлучува за коалиција“,
вели Села.

На прашањето, како е можно да коалицира со ВМРО-ДПМНЕ со оглед на различните ставови за законот за албанскиот јазик, договорите со Грција и Бугарија, Села вели дека нема да ги менува своите ставови. Но, додава дека тоа се прашања кои не се клучни за соработка на локално ниво.
„Со други зборови, секој политички субјект има своја автономија, но не заборавајте едно, изборите се локални и верувам дека сте свесни за ова и се прашувам зошто поставувате прашања засновани на работи што влијаат на националните избори во програмата на политичките партии. Не се откажуваме од овие работи како Алијанса за Албанцитем како за договорот со соседните земји, Договорот од Преспа итн., се договори што се донесени и ќе треба да се почитуваат, во крајна линија нашето соседство е еден од главните услови за членство во ЕУ“,
вели Села.
Дури и ваквите „централни“ прашања да не се клучни за локални избори, останува фактот дека пред 3 години токму Зијадин Села беше влечен и крвнички претепан од демонстрантите на 27 април. Колку е прифатливо да се соработува со ВМРО-ДПМНЕ по крвавиот четврток во кој тој лично настрада?
„Сега ми отворивте и друга тема. Владата со полна уста зборуваше дека треба да се помириме. Јас сум политичар, претседател на партија и ги оставив овие работи во рацете на правната држава, правдата, секако не можам да кажам дека сум задоволен од сѐ што е направено, мислам дека имало валкани игри, некој бил амнестиран. Замислете да отвори некој врата за толпа, а потоа да не влезе во организаторите на настаните. Ова е чудно, а потоа да го обвиниш другиот дека не ги запрел луѓето кои влегле како резултат на отворање на вратата од страна на овие амнестирани лица, кои Зоран Заев сака да ги направи директори и да им дава тендери“,
објаснува Села.
Додека кај Села може да се препознае подготвеност да се остават разликите на страна во име подобар резултат на локалните избори, во партијата Алтернатива се нешто порезервирани, но не и исклучиви. За првиот човек на партијата, Африм Гаши, непристојно е да се говори за коалиции една година пред локалните избори. Сепак, Гаши го поздравува, како што вели, омекнувањето и приближувањето на ВМРО-ДПМНЕ кон партиите од албанскиот блок.
„Мислам дека порано не сме виделе појавување на ВМРО-ДПМНЕ со албанска партија додека биле во опозиција, соработувале одлично со ДУИ во времето на Груевски, но постојано се прикажувале дека не се склони за соработка со Албанците. Ова ВМРО го покажува дека го нема тој проблем и за нас е тоа добро што СДСМ, Заев, го има направено претходно. Гледате дека меѓуетничките односи во државата се многу порелаксирани. А во такви односи и државата оди напред, особено кон ЕУ интеграциите е многу суштествено“,
вели Гаши.

Во Алтернатива се свесни за позициите на ВМРО-ДПМНЕ и нивниот однос кон прашањата од кои зависат евроинтергативните процеси во државата – Договорот од Преспа, за добрососедство со Бугарија, како и законот за јазици. Но, вели Гаши, ако постои заеднички пристап кон интеграциите и постои начин за договор, не ја исклучува можноста за коалиција.
„Нормално кога би биле сите точни заеднички, би биле во една партија и со Алијанса и со други, но нормално е дека имаме различни ставови по одредени теми, тие што се непремостливи за нас секако ќе бидат пречки за соработка. Тоа што е за нив исто така… Добро е да се креира сеопшт добар амбиент на комуникација и соработка. За точките што не се сложуваме нормално е да остануваме на истите позиции. Ако биде пречка за соработка, нормално, секој има свои црвени линии партиски и други определби“,
вели Гаши.
Истите дилеми и прашања на кои добивме одговор од „Алтернатива“ и од „Алијансата за Албанците“ ги поставивме и во ВМРО-ДПМНЕ.
Но, за разлика од останатите партии кои „Конрад Аденуер“ ги седна на маса, од најголемата опозициска партија не одредија човек кој би можел да ни одговори на прашањата.
Нецела година е временскиот период во кој ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса и Алтернатива би можеле да ги цртаат контурите на евентуална коалиција. Локалните избори треба да се одржат во октомври 2021 година. Предвремените, во Штип и Пласница, кои ќе се случат за нецел месец, ВМРО-ДПМНЕ одлучи да ги бојкотира, а Алијанса и Алтернатива немаат свои кандидати.